Nazlı Yüzbaşıoğlu
23 Април 2021•Ажурирај: 24 Април 2021
БУКУРЕШТ/АНКАРА
Црноморскиот Регион е наш заеднички дом, мораме да обезбедиме тој регион да се држи подалеку од напнатоста, порача министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, по трилатералниот состанок Турција - Полска - Романија, одржан денеска во Букурешт, јавува Агенција Анадолија (АА).
На министерскиот состанок во главниот град на Романија, освен Чавушоглу, присуствуваа и министрите за надворешни работи на Полска и Романија, Збигниев Рау и Богда Ауреску, а по состанокот е одржана заедничка прес-конференција.
Чавушоглу потсети дека трилатералните состаноци Турција - Полска - Романија, започнаа да се одржуваат пред девет години како визионерска иницијатива и порача дека неговата земја наредната година ќе биде домаќин на 10. состанок.
Наведувајќи дека на тие состаноци претставиле нови проекти, Чавушоглу изјави дека на денешниот состанок разговарале за Самитот на НАТО, кој ќе биде одржан во јуни, како и за последниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
„Денеска би сакал да ја нагласам важноста на единството и солидарноста. Црноморскиот Регион е наш заеднички дом, мораме да обезбедиме тој регион да се држи подалеку од напнатоста. Сите сме загрижени поради најновите случувања во и околу Украина. Меѓутоа, во последно време добиваме охрабрувачки вести, се надеваме дека ќе надвладеат дијалогот и дипломатијата“, изјави Чавушоглу.