Almir Terzic
02 Февруари 2025•Ажурирај: 03 Февруари 2025
МОСКВА (АА) - Руските власти во Курск известуваат дека ракета погодила училиште во кое имало руски цивили, јавува Анадолу.
Животот го загубија четири лица, а Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за нападот.
Цел на нападот во Курск, каде што украинските сили извршија инвазија минатиот август, беше училиште во градот Суџа во саботата. Украинскиот Генералштаб тврди дека руската војска погодила училиште што се користело за итно сместување на евакуирани руски цивили.
Ова е област под контрола на украинската армија. Украинските воздухопловни сили тврдеа дека руската страна фрлила бомба од воздухопловно летало источно од Суџа.
Уште четири лица се тешко повредени, а 84 лица се извлечени од под урнатините или им е укажана медицинска помош, информираше Киев.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека нападот врз Суџа, на околу 12 километри од границата со Украина, покажува дека Русија се бори.
„Тие ја уништија зградата, иако внатре имаше десетици цивили. Вака Русија ја водеше војната против Чеченија пред неколку децении. Тие убиваа Сиријци на ист начин. Руските бомби на ист начин ги уништуваат украинските домови“, рече Зеленски.
Русија, која не објави бројка на загинати, во меѓувреме го обвини Киев за нападот, велејќи дека тоа е „непростливо злосторство“.
Според руското Министерство за одбрана, украинските сили од регионот Суми во Украина истрелале проектили кон Суџа, од кои едниот наводно го погодил училиштето. Руските истражители објавија дека покренале кривична постапка против украинскиот командант во Суми за кој тврдат дека стои зад нападот.