Gökhan Varan
18 Август 2020•Ажурирај: 19 Август 2020
ПОРТ О ПРЕНС / АНКАРА (AA) - Министерот за надворешни работи на Хаити, Клод Жозеф, оствари средба со министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, кој престојува во официјална посета на Хаити, по што беше организирана заедичка прес-конференција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Жозеф информираше дека шефот на турската дипломатија во Националната палата бил пречекан од премиерот на Хаити Жовнел Моаз.
Потсетувајќи дека Турција е една од земјите кои му помогнале на Хаити за време на земјотресот, Жозеф истакна дека Турција и во рамките на помошта во борбата со пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) му подала рака на Хаити и додаде: „Турција секогаш му помага на Хаити во тешките моменти. Не изостана помошта на Турција ниту во периодот на пандемијата на новиот тип коронавирус.“
Жозеф истакна дека по средбата потпишани се 7 договори, додавајќи дека постои согласност по многу прашања, како што се поддршката на економската и политичката соработка, управувањето со природните непогоди, националните архиви и академии за дипломатија.
Од друга страна, Жозеф рече дека се разгледани можностите и за соработка на полето на културата и здравството, заблагодарувајќи му се на турскиот министер Чавушоглу за вложените напори за зајакнување на односите меѓу двете земји.
Потенцирајќи дека Турција е развиена и дарежлива земја, Жозеф соопшти дека на Хаити доаѓаат голем број турски инвеститори заинтересирани за повеќе области, како градежништвото и енергетиката.