Ekipa
05 Јули 2022•Ажурирај: 06 Јули 2022
АТИНА (АА) - Шумскиот пожар што гори во близина на градот Амфиса во централна Грција е надвор од контрола, соопшти доцна синоќа противпожарната бригада, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ветровите со јачина до 6 според Бофоровата скала, со 40-50 километри на час, го однеле пожарот кон манастирот Профитис Илиас, кој веќе е евакуиран.
Пожарот ги зафати огромните полиња со маслинови дрвја и брзо се движи кон крајбрежниот град Итеа.
Цивилната заштита преку европскиот број за итни случаи 112, испрати смс порака за евакуација до жителите во северниот дел на Итеа, во регионот Фокида.
Жителите на Северна Итеа веќе се пренесени во блискиот град Делфи.
Преку бројот за итни случаи 112 евакуирано е и селото Серникаки.
Повеќе од 150 пожарникари распоредени со 48 противпожарни возила и четири дополнителни тимови се борат да го стават под контрола огнот со помош на општинските резервоари за вода.
Пожарникарите се борат со пламените јазици и на јужниот полуостров Пелопонез.
Гостите на хотелот во градот Краниди се евакуирани и транспортирани во други хотели, јави ТВ Скаи.
Околу 63 пожарникари со 18 противпожарни возила и три копнени екипи се обидуваат да го стават пожарот под контрола.
Вкупно 52 шумски пожари се регистрирани низ цела Грција во последните 24 часа.