Riyaz Khaliq Khaliq
22 Октомври 2024•Ажурирај: 23 Октомври 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Јужна Кореја денес најави дека постепено ќе презема мерки како одговор на зголемената воена соработка меѓу Северна Кореја и Русија, иако конкретните дејства допрва треба да се обелоденат, јавува Анадолу.
„Сеул го повика Пјонгјанг веднаш да ги повлече војниците од Русија“, објави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“.
Јужнокорејската Влада тврди дека Северна Кореја веќе пратила 1.500 војници во Русија и размислува да прати дополнителни 10.000 војници.
Ниту Северна Кореја ниту Русија не ги коментираа обвинувањата на Сеул, иако Кремљ го бранеше своето право за унапредување на односите со Пјонгјанг, нарекувајќи го тоа прашање на рускиот суверенитет.
САД, клучен сојузник на Јужна Кореја, не ги потврдија тврдењата дека севернокорејски трупи се распоредени во Русија.
НАТО, исто така, побара повеќе информации, а Јужна Кореја одржа брифинг за ситуацијата. Шефот на Алијансата, Марк Руте, вчера разговараше со јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол, наведувајќи дека доколку се потврди, распоредувањето на севернокорејските трупи за поддршка на Русија во Украина ќе претставува „значајна ескалација“.
Во потенцијален натамошен чекор Сеул ја разгледува можноста за праќање тим во Украина за следење на наводното распоредување на севернокорејски војници, објави „Јонхап“.