Hüseyin Burak Demirer
06 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
АНКАРА
Лејла Фернандез, која ја совлада Наоми Осака, актуелната шампионка на тенискиот турнир на УС Опен во женска конкуренција, избори пласман во четвртфиналето по победата од 2:1 над Анџелик Кербер, шампионката на овој турнир од 2016 година, известува Агенција Анадолија (АА).
Завршија натпреварите од 7-миот ден на последниот грен слем турнир сезонава, што се одржа во Њујорк.
Фернандез, која се наоѓа на 73-тото место на светската женска ВТА ранг-листа за тенисерки и чиј најдобар успех на големите турнири пред УС Опен беше 3-то коло, во дуелот со Кербер, 16-тата носителка на турнирот, го загуби првиот сет со 6:4. 19-годишната канадска тенисерка го освои вториот сет во тај-брејкот 7:6 (7:5), а освојувајќи го последниот сет со 6:2, извојува победа од 2:1 и за првпат во кариерата се пласираше во четвртфиналето на еден грен слем турнир.
Арина Сабаленка (втора носителка на турнирот) ја победи Елис Мертенс со 2:0 во сетови (6:4, 6:1), а шампионката на Отвореното првенство на Франција, Барбора Крејчикова, со 2:0 (6:3, 7:6) ја совлада Гарбине Мугуруза и се најде меѓу осумте најдобри на УС Опен.
- Продолжува подемот на младиот Алкараз
Во машка конкуренција вниманието врз себе го привлече 18-годишниот Карлос Алкараз, кој во третото коло на УС Опен го елиминираше го грчкиот тенисер Стефанос Циципас, третиот носител на турнирот во машка конкуренција. Во осминафиналето Алкараз, 55-то рангираниот на светската АТП-листа, со резултат 3:2 (5:7, 6:1, 5:7, 6:2, 6:0 по сетови) го совлада германскиот тенисер Петер Гојовчик, кој се наоѓа на 141. место на АТП-листата и успеа да се пласира во четвртфиналето во својата прва година на учество на грен слем турнири.
Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим за првпат стана четвртфиналист на УС Опен, совладувајќи го со 3:1 во сетови (4:6, 6:2, 7:6 и 6:4) Франсис Тиафо, 50-пласиран на АТП-листата.
Пласман во четвртфиналето избори и рускиот тенисер Данил Медведев, второпласираниот на светската АТП листа, кој во осминафиналето со резултат 3:0 (по сетови 6:3, 6:4, 6:3) го совлада Британецот Даниел Еванс, 27-ми на АТП листата на тенисери.