Abdula Berisha
01 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - АБДУЛА БЕРИША -
Бесир Алили, 16-годишниот борач од Боречкиот клуб „Лирија“ од Скопје, ги освои симпатиите на јавноста во Северна Македонија кога на 22 јуни беше прогласен за Европски шампион за кадети, на шампионатот одржан во италијанскиот град Фаенца.
Во разговорот со Anadolu Agency (AA), Алили раскажува дека почнал со тренинзите од седумгодишна возраст и дека тренира веќе 10 години без прекин.
И минатата година, Алили стигна до финалето на Европскиот шампионат во борење за кадети, кој се одржа во Скопје. Тогаш тој освои сребрен медал, откако изгуби од ерменскиот репрезентативец Рафајал Хурутјунан.
Но, оваа година Бесир Алили победи во финалето и на тој начин стана дел од историјата на боречките спортови во Северна Македонија, затоа што ова е прв златен медал за еден борач во категоријата на кадетите од оваа земја.
Тој вели дека победата пред сѐ дошла благодарение на божјата волја, а потоа и на дисциплината во тренирањето.
„Беше многу тешко, но фала Богу, тренирав многу и го достигнав златниот медал“, вели Алили.
Тој раскажува дека од седумгодишна возраст требало да оди на тренинзи од неговиот дом, до спортската сала во којашто тренира, што е растојание од околу четири километри. Алили вели дека вообичаено патува со автобус, но честопати ова растојание го поминува пешки. Нагласува дека секогаш ја имал поддршката од семејството и тренерот.
„Да, ја имам поддршката од семејството, голема поддршка. И поддршката од мојот тренер, Суфјан Исмаили. Ми велеа треба да слушаш (совети), треба да тренираш, за да постигнеш резултат“, раскажува Алили.
Европскиот шампион во борење за кадети има и една порака кон младите - да бидат што е можно попосветени, за да постигнат резултати.
„На младите, на децата, (им апелирам) да тренираат повеќе, да ги слушаат тренерите, да не ги слушаат луѓето од страна, да вежбаат двапати дневно ако сакаат да постигнат резултати“, вели Алили.

Суфјан Исмаили, тренерот од Боречкиот клуб „Лирија“, потсети дека Бесир Алили победил во финалето со резултат 7 : 6 против борачот од Ерменија, Харутјун Ховханисјан, а дека во претходните мечеви од натпреварувањето, Алили бил подобар и од еден борач од Грузија. Правејќи споредба со фудбалот, Исмаили вели дека ова е еднакво на победа на Северна Македонија против Бразил или Аргентина.
Златниот медал, како што објаснува Исмаили, дошол пред сè, поради талентот на Бесир Алили, но и поради добрите услови што ги има Боречкиот клуб „Лирија“. Тренерот потенцира дека младиот европски шампион го има потребниот талент да постигне уште повеќе, потсетувајќи дека ова беше првпат еден борач од Северна Македонија да биде прогласен за Европски шампион во категоријата на кадети.
„Ние минатата година бевме втори, но и порано се освојуваа втори места. Меѓутоа, за кадети прво место никогаш сме немале. Откако постојат боречките спортови во (Северна) Македонија, немало. Ова е првпат, и Бесир Алили со овој медал влегува во историјата на боречките спортови во (Северна) Македонија“, вели Исмаили.
И Бесир Алили, но и неговиот тренер, се многу благодарни за пофалбите што ги добија од јавноста во Северна Македонија, но и за поддршката што ја добија од институциите на централно и локално ниво. Кога стана јасно дека Алили добил златен медал, стотици граѓани излегоа и го пречекаа, прославувајќи го големото достигнување.
Алили, исто така, има добиено многу финансиски награди и пофалби од Владата на Република Северна Македонија, Агенцијата за млади и спорт, Град Скопје, Општина Чаир и од јавни претпријатија.