Oktaj Omeragikj
02 Декември 2022•Ажурирај: 03 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - По одигрувањето на последните натпревари во групите Е и Ф познати се уште 4 репрезентации кои изборија пласман во осминафиналето на Светското фудбалско првенство 2022, што се одржува во Катар, известува Агенција Анадолија (АА).
Во 16 часот се одиграа средбите Канада - Мароко и Хрватска - Белгија од групата Ф, додека дуелите Јапонија - Шпанија и Костарика - Германија од групата Е започнаа во 20:00 часот.
Дуелот меѓу Канада и Мароко започна многу интензивно и Мароко веќе во 4. минута имаше водство од 1:0 со голот на Хаким Зијеш. Во 23. минута Мароко имаше водство од 2:0 благодарение на погодокот што го постигна Јусеф ен Несири. Канада успеа да намали на 2:1 по автоголот на Најеф Агерд во 40. минута. Во 45. + 3. минута Јусеф ен Несири постигна погодок, но голот беше поништен поради офсајд. На полувреме се замина со резултат 2:1 за Мароко. Во второто полувреме и двајцата селектори направија по пет замени на играчите, но резултатот не се смени. Оваа победа му го донесе 7. бод на Мароко, додека Канада остана на последното место во групата без освоен бод.
Дербито на групата се одигра меѓу селекциите на Хрватска и Белгија. Бидејќи пред овој натпревар Хрватска имаше еден бод повеќе, нејзе ѝ беше доволен и бод за пласман во наредната фаза, додека Белгија мораше да победи за да го загарантира пласманот во осминафиналето на СП Катар 2022.
Во првото полувреме кое заврши без погодоци, 0:0, не е упатен ниту еден директен удар во рамките на ниту еден гол. На почетокот на второто полувреме Ромел Лукаку го замени Мертенс и веќе во 60. минута го погоди дирекот, но не ја доведе Белгија во водство. Само две минути подоцна Лукаку со глава не успеа да ја погоди празната мрежа на Хрватска. Во 90. минута по центаршутот од десната страна, топката дојде до Лукаку, но го погоди во стомакот и се стркала до рацете на Ливаковиќ. И по судиското продолжение натпреварот заврши без погодоци, 0:0. Со овој нерешен резултат Хрватска освои 5 бода во групата и се најде на втората позиција, додека Белгија со 4 бода е третопласирана и не избори пласман во наредната фаза.

Дуелот меѓу Јапонија и Шпанија започна со голот на Алваро Мората во 11. минута и водство на Шпанија од 1:0, резултат со кој се замина на полувреме.
Уште од самиот почеток на второто полувреме Јапонците тргнаа во силна офанзива и веќе во 48. минута Јапонија го израмни резултатот на 1:1 со голот на Рицу Доан. Само три минути подоцна Јапонија веќе имаше водство од 2:1 благодарение на погодокот што го постигна Ао Танака во 51. минута. Шпанија во продолжението имаше многу можности да постигне погодок, но резултатот не се смени и Јапонија ја совлада Шпанија и со 6 бода се најде на врвот од табелата, додека Шпанија го зазеде второто место со 4 бода.
Во вториот дуел од оваа група Германија играше против Костарика. Германците кои мораа да победат за сигурен пласман во наредната фаза, очекуваа Шпанија да ја совлада Јапонија или да одигра нерешено. Уште од самиот почеток Германија интензивно го нападна голот на Костарика и веќе во 10. минута поведе со 1:0 со голот на Серж Гнабри, резултат со кој се замина на полувреме.
Во второто полувреме, кога секој очекуваше „германската машинерија“ да го сомеле противникот, Костарика во 58. минута го изедначи резултатот на 1:1 со голот на Елцин Техеда, а во 70. минута Хуан Пабло Варгас успеа да го совлада германскиот голман Мануел Нојер за водство на Костарика од 2:1. Доколку до крајот на натпреварот Костарика успееше да го сочува резултатот и ја совладаше Германија, во тој случај Шпанија и Германија ќе испаднеа и во наредната фаза пласман ќе избореа Јапонија и Костарика, нешто што пред почетокот на СП никој не можеше ниту да го замисли. Сепак, Германците, иако шокирани, успеаја да се соземат и само три минути подоцна, во 73. минута Кај Хаверц израмни на 2:2, за во 85. минута истиот играч да го постигне својот втор погодок за водство на Германија од 3:2. Никлас Фулкруг со гол во 89. минута ги постави конечните 4:2 и со тоа ѝ донесе победа на Германија над Костарика. Со оваа победа Германија дојде до 4 бода на табелата, исто колку и Шпанија, но полоша гол разлика, поради што се најде на третото место на табелата и мораше да се збогува од пласманот во осминафиналето на СП Катар 2022. Костарика го зазеде четвртото место во групата со 3 бода.
По вчерашните натпревари познато е дека на 5 декември (понеделник) во осминафиналето со почеток во 16:00 часот ќе се сретнат Јапонија и Хрватска, додека средбата меѓу Мароко и Шпанија се игра на 6 декември (вторник) со почеток во 16:00 часот.
Денеска на програмата се средбите од последното коло во групите Г и Х. Се среќаваат:
16:00 Јужна Кореја - Португалија
16:00 Гана - Уругвај
20:00 Србија - Швајцарија
20:00 Камерун - Бразил
Португалија и Бразил го обезбедија пласманот во осминафиналето на СП Катар 2022, а со евентуална победа постојат калкулации според кои секоја репрезентација од овие групи би можела да го зазеде второто место на табелата и да се пласира во следната фаза.