Dejan Maksimoviç
01 Јуни 2019•Ажурирај: 02 Јуни 2019
МАДРИД (АА) - Шпанската полиција приведе четворица британски државјани пред вечерното финале на УЕФА Лигата на шампиони во Мадрид, пренесува Anadolu Agency (AA).
Шпанските власти објавија дека четири лица се приведени поради напад, меѓу другото и врз полициски службеници.
Инаку властите ангажираа повеќе од 4.700 припадници на безбедносните сили за обезбедување на финалето на Лигата на шампиони. По првпат ќе бидат ангажирани и беспилотни летала поради следење на однесувањето на навивачите. Околу стадионот „Ванда Метрополитано“ ќе биде поставен и таканаречен „челичен прстен“, односно железна ограда која ќе ѝ помогне на полицијата да ја контролира масата и да изврши контрола на навивачите.
Се очекува дека на финалето во Мадрид на стадионот со капацитет од 68.000 места може да присуствуваат околу 30.000 навивачи од Англија. Но се претпоставува дека бројот на оние што ќе допатуваат без „златната“ влезница, ќе биде многу поголем. Според некои проценки, денеска во Мадрид има околу 100.000 навивачи на двата англиски клуба од целиот свет.
Се појавија и лажни билети за финалето, имајќи предвид дека побарувачката е исклучително голема. Од Европската фудбалска федерација (УЕФА) е објавено предупредување за лажни билети кои кружат на црниот пазар, а полицијата ги засили напорите да ги спречи организираните обиди за да се измамат навивачите. Се појавија гласини дека околу 4.000 официјални билети ќе бидат пуштени во продажба денеска (сабота) наутро, но УЕФА тоа го демантираше.