Dejan Maksimoviç
06 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
MАНЧЕСТЕР (АА) - Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер Сити, смета дека Манчестер Јунајтед, најголемиот ривал на неговиот клуб, има квалитет сезоната во Премиер лигата да ја заврши меѓу првите четири екипи, јавува Anadolu Agency (AA).
По 14 одиграни кола, Јунајтед се наоѓа на шестото место на табелата со 21 поен, девет помалку од Сити, кој го држи четвртото место, коешто води до квалификации за Лигата на шампиони. Зад лидерот Челзи заостанува дури 14 поени, па така соништата за шампионската титула веројатно се премногу далечни.
Но, Гвардиола за британските медиуми изјави дека е можно да се стигне до едно од местата што водат во Лигата на шампионите.
„Со оглед на тоа како Јунајтед игра во последно време, мислам дека можат да дојдат до првите четири места. Ги гледав нивните натпревари против Стоук, Барнли и уште еден, на ‘Олд Трафорд’, и сите три натпревари требаше да добијат, но фудбалот понекогаш е суров. До првото место ги дели голема разлика, така што титулата тешко дека ќе ја освојат, но сепак постои шанса да бидат меѓу четирите. Мислам дека можат“, рече Гвардиола пред вечерашниот дуел на својот тим против Селтик, во Лигата на шампионите.
Манчестер Сити во Премиер лигата заостанува четири поени зад лидерите Челзи, еден поен зад второпласираниот Арсенал, и има 30 поени исто како и третопласираниот Ливерпул. Во групата Ц од Лигата на шампионите, во пресрет на последното коло, го зазема второто место, но го обезбеди пласманот во осмина финалето.