Ekipa
08 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
АТИНА
Министерството за здравство на Грција објави дека следните две недели сите спортски настани во земјата ќе се одржуваат без присуство на гледачи, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Министерството исто така изјавија дека центрите за рекреација и поддршка на старите лица ќе бидат затворени на две недели, додавајќи дека во истиот период нема да се организираат училишни излети.
Според последните извештаи, заклучно со синоќа во Грција се регистрирани 66 случаи на коронавирус, од кои 47 заразени биле во групата од 54 патници што го посетиле Израел и Египет. Преостанатите заразени се лица кои биле во контакт со овие патници. Досега нема смртни случаи во земјата, но 66-годишен маж, кој бил меѓу патниците, се наоѓа на интензивна нега.
Се очекува Владата на Грција во понеделник да ги објави економските мерки поврзани со епидемијата на новиот тип коронавирус во земјата.