Muthna Alahmad,Serdar Bıtmez,Said İbicioğlu
19 Декември 2020•Ажурирај: 21 Декември 2020
ДОХА
Во Катар официјално е отворен стадионот „Ал-Рајан“, еден од симболите на Светското првенство 2022 во Катар, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свеченото отворање на стадионот присуствуваа катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани, претседателот на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), Џани Инфантино, и претседателот на Азискиот олимписки комитет (OCA), шеик Ахмад ал-Фахад.
По отворањето на стадионот одиграно е финалето на Купот на eмирот помеѓу екипите на Ал-Сад и Ал-Араб, што заврши со резултат 2:1.
На церемонијата присуствуваа и 20.000 гледачи, што од појавата на пандемијата од Ковид-19 е најмасовна манифестација во оваа земја. Сите гледачи пред влез на стадионот мораа да бидат негативни на тестирањето на Ковид-19.
Стадионот „Ал-Рајан“, кој се наоѓа 24 километри западно од главниот град Доха, може да прими 40.000 гледачи. На овој стадион на Мундијалот 2022 година ќе се играат седум натпревари, до осмина финалето.
Во Катар, што ќе биде првата држава на Блискиот Исток која е домаќин на Светското првенство, и покрај пандемијата од Ковид-19 продолжуваат работите за изградба на стадиони, подземни железници, зголемување на хотелските капацитети и другата потребна инфраструктура во склоп на подготовките за големиот спортски настан.
Светското првенство ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември 2022 година. Финалето е на распоред на 18 декември, кога се одбележува Денот на државноста на Катар.
На Светското првенство би требало да учествуваат 32 репрезентации, вклучувајќи ја и селекцијата на земјата домаќин.