Dejan Maksimoviç
20 Мај 2018•Ажурирај: 21 Мај 2018
ЛОНДОН (AA) - Антонио Конте (48), менаџерот на Челзи, по вчерашниот триумф во финалето на ФА Купот против Манчестер Јунајтед со 1:0, изјави дека е сериски победник, и дека никогаш нема да се смени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иако Челзи во Премиер лигата го зазеде петтото место и остана без пласманот во Лигата на шампионите, италијанскиот тренер смета дека сезоната е успешна.
„Оваа сезона беше тешка од повеќе причини. На почетокот на сезоната предвидов дека ќе биде тешко, но го зазедовме петтото место и го освоивме ФА Купот. Го пропуштивме местото во Лигата на шампионите, а тоа не е добро за клуб каков што е Челзи. Морам тоа искрено да го кажам, но во исто време мислам дека морате да ја знаете вистинската ситуација дека ова е група играчи кои го дале најдоброто од себе. Дури и во тешка сезона покажав дека сум сериски победник“, рече Конте.
Поради петтото место во Првенството, во последно време се зајакнаа шпекулациите дека Конте ќе биде сменет од клупата на Челзи, без оглед на трофејот во ФА Купот.
„Имам Договор и посветен сум на овој клуб. Дури и со шпекупациите, мојата позиција секогаш беше иста, а тоа е дека сум потполно посветен на Челзи. Разбирам дека клубот може да донесе одлука, позитивна или негативна. Точно е дека клубот бара многу. Но, по две години, клубот многу добро ме познава. Ако сакаат и понатаму да работат со мене, ме познаваат, не можам да се променам. Мојот пат е секогаш ист, а тоа се напорна работа и градење силен менталитет со моите играчи. Јас сум сериски победник и тоа го покажав во Англија, по тешките моменти во клубот. Одлуката да ме постават за менаџер, на овој клуб му донесе два трофеја во две сезони“, заклучи Конте.
Италијанецот тренерската кариера ја започна во Арецо, а потоа ги водеше Бари, Атланта, Сиена, Јувентус и репрезентацијата на Италија.