Kemal Zorlak
07 Април 2024•Ажурирај: 09 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Актуелниот светски шампион во Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен ја продолжи својата доминација и во овогодинешниот шампионат со победата на трката за Големата награда на Јапонија што утринава се одржа на патеката „Сузука“, известува Анадолу.
Феноменалниот возач на Ред Бул Верстапен стартуваше од првата позиција и по извозените 53 круга на патеката долга 5.807 метри прв мина низ целта со време1:54:23.566.
Како второпласиран трката ја заврши неговиот колега од Ред Бул, Мексиканецот Серхио Перез, кој заостана 12 секунди и 535 илјадити делови од секундата. На третото место на победничкиот пиедестал се најде возачот на Ферари, Шпанецот Карлос Саинз со заостанување од 20 секунди и 866 илјадити делови од секундата.

Ова е трета победа на Верстапен оваа сезона.
Верстапен на табелата на возачи во Формула 1 се наоѓа на првото место со 77 бодови. Следат Серхио Перез со 64 и Карлос Саинз со 59 бодови.
Следната трка во Формула 1 е Големата награда на Кина, закажана за 21. април.