Alma Dekovic
11 Август 2021•Ажурирај: 12 Август 2021
ПАРИЗ
Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси е претставен на денешната прес-конференција како нов член на францускиот Париз Сен Жермен (ПСЖ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тој во придружба на претседателот на ПСЖ, Насер ал Келаифи, се обрати на новинарите на Стадионот „Парк на принцовите“ во Париз и во таа пригода порача колку е возбуден поради новото поглавје во својата кариера.
„Беше емотивно. Сѐ се менуваше од ден во ден, имаше грст емоции. Никој не беше подготвен на тоа. Но возбуден сум поради новото поглавје во мојата кариера“, порача Аргентинецот.
Тој додаде дека едвај чека да ги запознае навивачите и да игра со Мбапе и Нејмар.
„Многу сум среќен. Лудо е. Ќе играм со најдобрите играчи на светот и тоа е секогаш добро“, порача тој.
Тој се заблагодари на управата на ПСЖ на тоа што „брзо и лесно решила сѐ“ и додаде дека е среќен што е во амбициозниот клуб и е подготвен да се бори за сите трофеи.
„Сакам да продолжам со освојување титули и поради тоа дојдов. Им благодарам на парижаните за дочекот, беше лудо“, порача Меси.

Претседателот на ПСЖ, Ал Келаифи, изјави дека ова е историски ден за светскиот фудбал.
„Сите го знаат Лео, тој е единствен фудбалер кој освои шест „златни топки“. Тоа беше многу возбудливо за нашите навивачи и љубители на фудбалот низ светот“, изјави Ал Келаифи.
Меси вчера потпиша двегодишен договор со францускиот прволигаш, со опција за продолжување на трета година.
Стотици навивачи на ПСЖ се собраа денеска пред стадионот во францускиот главен град Париз за да го дочекаат најголемото засилување во историјата на клубот.
Аргентинецот по 21 година поминати во Барселона мораше да го напушти каталонскиот клуб, кој се најде во финансиски проблеми. Наводно бил постигнат договор за негово останување во „Камп Ноу“, но од клубот минатиот четврток објавиле дека финансиските и структурни препреки значат дека договорот не може да се реализира, при што Меси замина како слободен играч.