Dejan Maksimoviç
14 Јули 2018•Ажурирај: 15 Јули 2018
МОСКВА (АА) - Лука Модриќ, капитенот на фудбалската репрезентација на Хрватска, пред утрешното финале на Светското фудбалско првенство против Франција изјави дека пласманот во финалето на најдобар начин покажува колкаво е влијанието на селекторот Златко Далиќ врз репрезентацијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Модриќ повторно ја прикажа својата позната скромност, зборувајќи дека во овој момент не го интересира дали ќе ја освои „Златната топка“, туку дека во потполност е фокусиран на успехот на репрезентацијата.
„Мило ми е кога ме споменуваат во тој контекст, но најважен ми е успехот на репрезентацијата. Само ние утре да го своиме Светското првенство“, истакна Модриќ.
За влијанието на Златко Далиќ врз репрезентацијата на Хрватска, според зборовите на Модриќ, нема потреба да се зборува, бидејќи Хрватска е во финалето на Мундијалот, а тоа кажува сѐ.
„Се наоѓаме во финалето на Мундијалот. Тоа покажува колкаво е влијанието на селекторот врз сѐ што се случуваше во репрезентацијата. Дојде во тежок момент, кога во прашање беше пласманот на Хрватска на Светското првенство. Ни ја врати вербата, нѐ убеди дека сме добри. Ни донесе мир и ни ја подигна самодовербата. Најмногу ни се допаѓаат неговата искреност и пристап кон секој играч. Пресреќни сме што е тука. Ги покажа своите вредности како тренер и како личност“, ја пренесоа хрватските медиуми изјавата на Модриќ.
Модриќ истакна дека влијанието на Марио Манџукиќ во репрезентацијата е исклучително големо.
„Манџукиќ е многу важен за нас. Несомнени се неговите играчки квалитети, но неговиот карактер и борбеност ни даваат дополнителен мотив. Тој нѐ поттикнува сите нас. Исклучително важен играч за нас. Многу ми е драго што токму неговиот погодок нѐ однесе во финалето. И утре нека постигне еден“, рече Модриќ.
Финалето на Светското фудбалско првенство Русија 2018 меѓу Хрватска и Франција ќе се игра в недела, на стадионот „Лужники“ во Москва, со почеток во 17:00 часот.