Halis Sünnetci
10 Август 2026•Ажурирано: 10 Август 2026
Претседателот на шпанската фудбалска лига Ла Лига, Хавиер Тебас, повика на оставка на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, оценувајќи дека завршила неговата ера на чело на светскиот фудбал, јавува Анадолу.
Тебас е најновиот висок фудбалски официјален претставник кој го доведува во прашање раководењето на Инфантино, по пропаѓањето на предложениот план на ФИФА за приватизација на Светското првенство.
„За мене, времето на Џани Инфантино одамна помина“, изјави Тебас за францускиот весник „Ле Монд“ во интервју објавено вчера.
Долгогодишниот критичар на Инфантино оцени дека неодамнешната контроверзија ги разоткрила практиките во управувањето на ФИФА на кои тој со години се спротивставувал.
Тој, исто така, го обвини Инфантино дека промовира проекти насочени кон елитата на сметка на националните лиги, со што ја „уништува самата суштина на фудбалот“.
„За мене, ерата на Инфантино заврши“, рече тој.
Тебас ја прошири критиката и на поширокиот систем на управување на ФИФА, нагласувајќи дека само замената на Инфантино нема да биде доволна и повикувајќи на пошироки промени во светската фудбалска централа.
„Проблемот не се однесува само на една личност: станува збор за целиот систем. Стариот систем може да опстои и кога луѓето ќе се сменат. Да се надеваме дека работите навистина ќе се променат, дека ќе дојде нов лидер и дека во ФИФА ќе биде воспоставено ново управување“, додаде Тебас.
Инфантино се соочува со сè поголем притисок откако во јавноста излезе претходно необјавениот предлог на ФИФА, познат како „ФИФА Форвард Ентерпрајс“ (ФФЕ). Планот предвидуваше продажба на 20 отсто удел во нова комерцијална компанија проценета на 20 милијарди долари, која требаше да управува со правата поврзани со Светското првенство и другите натпреварувања на ФИФА.
ФИФА подоцна го повлече предлогот по широкото противење предводено од УЕФА, која се закани дека ќе ги бојкотира натпреварувањата на ФИФА. Сепак, критиките кон раководењето на Инфантино продолжија.
УЕФА, Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) и Конфедерацијата на Северна, Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ) денес објавија заедничко отворено писмо во кое го обвинија Инфантино за измама и суштинско нарушување на довербата во врска со предлогот.
„Кога довербата е нарушена преку измама, кога поединецот се поставува себеси над колективот што му ја доверил власта, таа должност е напуштена“, се наведува во писмото.
Трите конфедерации повикаа на независна ревизија на пропаднатиот предлог, без учество на ФИФА.