ИСТАНБУЛ (АА) - ЈУНУС КАЈМАЗ -
Победник на првиот овогодишен грен слем тениски турнир „Австралија опен 2020“, во машка поединечна конкуренција е Новак Ѓоковиќ, кој успеа да ја освои шампионската титула и во своето 8. финале, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во финалето на Австралија опен се сретнааа Австриецот Доминик Тим, 5-то пласираниот на тенисерската АТП светска листа, кој во последно време забележува голем подем на цврстите терени, и Ѓоковиќ, второпласираниот на светската тениска АТП-листа. Овој меч беше исполнет со пресврти. По првиот сет што Ѓоковиќ го освои со 6:4, Тим направи пресврт и успеа да ги освои следните два сета со 4:6 и 2:6 за водство од 1:2. Во продолжението од мечот Ѓоковиќ не дозволи целосен пресврт и какво било изненадување и освојувајќи ги следните два сета со 6:3 и 6:4 извојува победа од 3:2 и ја одбрани минатогодишната титула на Австралија опен.
Триесет и двегодишниот српски тенисер е рекордер на Австралија опен со освоени 8 шампионски титули.
Рој Емерсон и Роџер Федерер, кој сè уште е активен тенисер, имаат освоено по 6 шампионски титули на Австралија опен.
- Им се приближи на Федерер и Надал -
Новак Ѓоковиќ со победата на Австралија опен стигна до својата 17. грен слем титула, приближувајќи се уште еден чекор до Швајцарецот Роџер Федерер и до Шпанецот Рафаел Надал.
Федерер, кој беше елиминиран од Ѓоковиќ во полуфиналето, има освоено 20 грен слем титули, додека Надал, кој во четвртфиналето на Австралија опен загуби од Тим, има освоено 19 грен слем титули.
- Победи на 5 од последните 7 грен слем турнири -
По Ролан Гарос во 2016 година Ѓоковиќ подолг период беше повреден и првата победа на еден грен слем турнир ја извојува на Вимблдон 2018, по 770 дена. Ѓоковиќ успеа на последните 7 грен слем турнири 5 пати да ја освои шампионската титула.
Српскиот тенисер на Вимблдон 2018 во финалето го совлада Кевин Андерсон, на УС Опен во 2018 го совлада Хуан Мартин дел Порто, на Австралија опен 2019 беше подобар од Рафаел Надал, на Вимблдон 2019 го совлада Роџер Федерер и на овогодинешниот Австралија опен во финалето го совлада Доминик Тим, надополнувајќи го своето салдо на грен слем турнири со уште 5 шампионски титули.
Ѓоковиќ во 2019 на Ролан Гарос загуби во полуфиналето, а на УС Опен загуби во 4-тото коло.
- Трет тенисер кој успеал на ист турнир да дојде до 8. шампионска титула -
Ѓоковиќ влезе во историјата како трет тенисер кому му успеало да освои 8 или повеќе шампионски титули на ист тениски грен слем турнир.
Рафаел Надал е лидер на оваа листа со 12 победи на Ролан Гарос. Роџер Федерер може да се пофали со 8 шампионски титули освоени на Вимблдон.
- Повторно светски рекет број 1 -
Ѓоковиќ повторно го зазеде првото место на светската тенисерска АТП-листа што го презаде од Рафаел Надал,кому му го имаше препуштено на 4 ноември 2019 година.
Доминик Тим благодарение на успехот постигнат на Австралија опен и пласманот во финалето се позиционираше на 4. место на АТП-листата на тенисери.
- Единствен тенисер кој во три декади победил на грен слем турнир -
Ѓоковиќ е првиот тенисер кому, откако од 1968 година им се дозволува на професионалните тенисери да играат против аматери, во 3 одделни декади му успеало да освои шампионска титула на грен слем турнири.
Својата прва шампионска титула на грен слем турнир Ѓоковиќ ја освои во 2008 година на Австралија опен. Следува периодот на 2010-тите, кога освојува 6 грен слем титули, а стана шампион и во 2020.
Ваков успех, но за периодот пред и по дозволувањето на натпреварите на професионалните и аматерските тенисери, постигна Австралиецот Кен Росвол, кој победуваше на грен слем турнири во 50-тите, 60-тите и 70-тите од минатиот век.
- За шампионската титула, награда од 4,1 милион австралиски долари -
Ѓоковиќ за освојувањето на својата 8. шампионска титула на Австралија опен доби парична награда од 4 милиони и 120 илјади австралиски долари.
Австралија опен имаше вкупен паричен фонд од 71 милион австралиски долари. Финалистот Доминик Тим доби парична награда од 2 милиони австралиски долари.
- Тим без титула и по своето 3-то финале -
Доминик Тим, кој во својата досегашна кариера трипати играше во финале на грен слем турнири, нема освоено шампионска титула.
Во финалето на Ролан Гарос 2018 година Тим (26) загуби од Рафаел Надал со 3:0. Минатата година на Ролан Гарос, Тим повторно загуби од Надал, овојпат со резултат од 3:1.
По предноста од 2:1 во финалето на Австралија опен, Тим многу се доближи до можноста да стане 150. тенисер кој победил на еден грен слем турнир, но Ѓоковиќ му го скрати тоа задоволство совладувајќи го со 3:2.
- Клуб на 30-годишници -
Последните 14 грен слем турнири ги освоија тенисери на возраст над 30 години.
Последниот тенисер под 30-годишна возраст, што победил на еден грен слем турнир, беше Британецот Енди Мареј на возраст од 29 години и 56 дена, станувајќи шампион на Вимблдон 2016 година.
Со последната победа на Австралија опен, Ѓоковиќ ја освои својата 5. грен слем титула на возраст над 30 години, изедначувајќи го рекордот на Надал, додека Федерер по својата 30 година има освоено 4 грен слем титули.