Ekipa
09 Февруари 2019•Ажурирај: 10 Февруари 2019
МАНЧЕСТЕР (АА) - Одлично му оди на менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскер, кој дојде во клубот во втората половина на декември минатата година. Иако има 10 натпревари во низа без загубен меч, норвешкиот тренер е свесен дека е донесен како привремен менаџер и не е оптоварен со тоа дали на крајот од сезоната ќе ја продолжи соработката со клубот во кој се прослави и како играч, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во моментов тој размислува само за она што моментално се случува, со желба да ја исполни задачата за која е донесен, а тоа е да ја поправи атмосферата во клубот од Олд Трафорд.
„Не се работи за тоа дали ќе останам. Се разбира дека Манчестер Јунајтед е место каде што сакате да бидете, сите сакаат да бидат тука и сите тоа го посакуваат. Но описот на мојата работа до лето е да го доведам тимот да игра на одреден начин, да се поправи расположението во клубот и се разбира, постигнување добри резултати“, рече норвешкиот менаџер Солскер.
Тој додаде дека му е тешко што е разделен од семејството, но дека сето тоа е дел од еден голем предизвик кој го прифатил кога доаѓал во Јунајтед.
„Сега имаме натпревар против Фулам, ни требаат три бода за да влеземе меѓу првите четири клуба на табелата. Потоа играме против Пари Сен Жермен, па против Челзи. Предизвик до предизвик. Извонредно“, рече Норвежанецот, и додаде:
„Против Барнли се чувствував како да сме загубиле. Четири минути пред крајот на натпреварот беше 0:2. Тоа е голем тест на карактерот. Дали навистина сме гладни и способни да се вратиме? Играчите успеаја во тоа, навивачите заедно со нив. Начинот на кој навивачите реагираа на тоа, е тоа е Манчестер Јунајтед.“
Од доаѓањето на Солскер на клупата на „црвените ѓаволи“, клубот има скор од 9 победи и 1 нерешен натпревар во Премиер лигата и ФА Купот. Следен противник им е Фулам, на кој на 9 февруари (сабота) му гостуваат во рамките на 26. коло на англиската Премиер лига. Натпреварот започнува во 13:30 часот.