Dejan Maksimovic
18 Декември 2022•Ажурирај: 18 Декември 2022
ДОХА (АА)
Светското фудбалско првенство во Катар дојде до самата завршница. Денес се игра финалниот натпревар по кој ќе биде познато која селекција ќе ја понесе титулата Светски фудбалски шампион, дали тоа ќе биде Аргентина или Франција, известува Агенција Анадолија (АА).
Вчера репрезентацијата на Хрватска во натпреварот за третото место го совлада Мароко со резултат 2:1 и го освои бронзениот медал, кој воедно е и втора бронза за Хрватска, по онаа освоена на СП во Франција 1998 година.

За титулата Светски фудбалски шампион на стадионот „Лусаил“ ќе се борат Франција, актуелниот светски шампион, предводена од извонредниот Килијан Мбапе, и Аргентина, предводена од феноменалниот Лионел Меси, кој посакува да го освои единствениот пехар што му недостасува во неговата кариера. И Аргентина и Франција со триумф ќе дојдат до својата трета титула на светските првенства. Аргентина беше светски првак во 1978 и 1986 година, а Франција во 1998 и 2018 година.
- Патот на Аргентина до финалето
Првиот натпревар на првенството Аргентина го започна со пораз од селекцијата на Саудиска Арабија од 2:1. По овој шок, Аргентина успеа во наредните две средби да ги совлада Мексико (2:0) и Полска (2:0) и со 6 бода да го освои првото место во групата и пласман во осминафиналето.
Во осминафиналето Аргентина за противник ја имаше репрезентацијата на Австралија. Извојувајќи победа од 2:1 Аргентина се пласираше во четвртфиналето каде ги одмери силите со Холандија. По натпреварот што во регуларниот тек и по продолжетоците заврши без победник 2:2, се премина на изведување на ударите од белата точка. Селекцијата на Аргентина беше подобар изведувач на пеналите и совладувајќи ја Холандија, се пласираше во полуфиналето, каде за противник го имаше актуелниот вицешампион од СП во Русија 2018. Аргентина одигра извонреден натпревар и со 3:0 ја совлада репрезентацијата на Хрватска за пласман во финалето.
Со оваа победа, 35-годишниот Меси, не само најголемата ѕвезда на Аргентина, туку и еден од најдобрите фудбалери во историјата на фудбалот, стигна на чекор до единствениот пехар што му недостасува во кариерата, а тоа е оној наменет за светските шампиони.
- Патот на Франција до финалето
Франција до полуфиналето дојде од групата Д, во која првото место го обезбеди по првите две кола со победите над Австралија (4:1) и Данска (2:1). Во последното коло, кое не влијаеше врз пласманот во наредната фаза, Франција загуби од Тунис, со 0:1.
Во осминафиналето актуелниот светски шампион лесно мина со Полска, совладувајќи ја со резултат 3:1, за да во дербито на четвртфиналето ја елиминира Англија со 2:1.
Во полуфиналето Франција се сретна со Мароко, најпријатното изненадување на првенството, селекција која на патот до полуфиналето ги елиминираше Шпанија и Португалија, што беше доволно предупредување на Франција.
Избраниците на Дидје Дешан сериозно го сфатија противникот и во полуфиналето со 2:0 го совладаа Мароко, доаѓајќи на чекор до одбраната на титулата Светски шампион. На тој пат на Франција и преостана уште една препрека, а тао е селекцијата на Аргентина.
- Финале на СП Катар 2022
Без разлика која репрезентација ќе го крене победничкиот трофеј, сосема е јасно дека во финалето нè очекува уште еден фудбалски спектакл.
Селекцијата на Аргентина е предводена од Меси, еден од најдобрите фудбалери на сите времињам а Франција има одговор во младата ѕвезда во подем, 23-годишниот Килијан Мбапе, кој за разлика од Меси, веќе ја има освоено титулата Светски шампион, па затоа од таа страна, тој е порастоварен.
Интересно е дека финалето ќе даде и одговор на тоа кој ќе биде најдобар стрелец на Мундијалот во Катар, Меси или Мбапе, бидејќи и двајцата фудбалери во досегашниот тек на првенството постигнаа по 5 погодоци. Зад нив следуваат Хулиан Алварез (Аргентина) и Оливје Жиру (Франција) со по четири погодоци.
Финалето на Светското првенство Катар 2022 се игра денес на стадионот „Лусаил“ во Доха, со почеток во 16:00 часот.