Dejan Maksimoviç
22 Ноември 2018•Ажурирај: 25 Ноември 2018
АБУ ДАБИ (АА) - Полјакот Роберт Кубица во 2019 година се враќа во Формула 1 во болидот на Вилијамс, осум години по тешката несреќа што ја доживеа во Рели-шампионатот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кубица на рели-трката во Италија во февруари 2011 година се здоби со тешки повреди, а во еден момент му се закануваше и ампутација на десната рака. Освен тоа, Кубица имаше уште неколку повреди, но успешно закрепна, и од следната година повторно ќе вози.
Враќањето на 33-годишниот Полјак, по тешката повреда, ќе биде еден од најголемите во историјата на автомото-спортот. Кубица во тимот на Вилијамс ќе вози заедно со Британецот Џорџ Расел, кој ќе дебитира во Формула 1.
„Гледано од човечки аспект, сфаќам и ја гледам поентата дека станува збор за приказна во која веројатно никој не веруваше. Веројатно јас и моите луѓе околу мене беа единствените што веруваа во тоа. Сите ние знаевме дека тоа е нешто што е речиси невозможно да се постигне, што докажува дека на некој начин ништо не е невозможно. Од аспект на возењето, почекајте неколку месеци и ќе видите. Да не можам да бидам конкурентен, не би бил тука“, рече Кубица, пренесуваат британските медиуми.
Кубица во периодот од 2006 до 2010 година во Формула 1 возеше за „BMW Sauber“ и „Renault“. Настапи на 76 трки, постигнувајќи една победа, а на победничкиот пиедестал беше вкупно 12 пати.