Tevfik Durul,Derya Gülnaz Özcan
15 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
АТИНА (АА) - ДЕРЈА ЃУЛНАЗ ОЗЏАН / ТЕВФИК ДУРУЛ -
Проблемот со хулиганството, со кој се соочува спортскиот свет во Грција, не може да се реши и покрај тоа што насилството се наоѓа на агендата на јавноста, пишува Агенција Анадолија (АА).
Убиството на 19-годишниот Алкис во Солун од страна на приврзаниците на ривалскиот тим предизвика многу реакции во јавноста.
Алкис и неговите двајца пријатели додека се движеле по улица во Солун, од група што им пришла биле запрашани за која екипа навиваат, а на одговорот дека се поддржувачи на една противничка екипа дошло до насилство.
Останатите две лица што беа жртви на нападот преживеаја со повреди, но Алкис, кој доби тежок удар со коса, го загуби животот.
Смртта на Алкис, за кој тагуваше целата земја, ја отвори и „Пандорината кутија“ за насилството и хулиганството во спортот.
- Навивачките клубови потсетуваат на магацини за оружје -
По инцидентот, полицијата во клубовите на навивачи пронајде шлемови, стапови, ножеви, факели што можат да предизвикаат повреди.
Како резултат на консултациите со властите под раководство на премиерот Кирјакос Мицотакис, донесена е одлука да се преземат нови мерки за борба против насилството и хулиганството во спортот.
Владиниот портпарол Јанис Иконому најави дека ќе бидат преземени нови мерки, како што се дополнително заострување на институционалната рамка за функционирање на здруженијата на навивачи, со спроведување на релевантни измени во кривичниот законик и зголемување на полициските контроли.
Покрај тоа се планираат и промени во администрацијата на Грчката фудбалска федерација.
Уапсени се 11 лица со образложение дека се поврзани со инцидентот во кој животот го загуби Алкис.
Некои од нив и претходно биле приведувани поради повреди, напад, употреба на оружје и прекршување на законот за наркотици, но подоцна повторно биле ослободени.
Тоа пак, доведе до дискусија за неказнивоста на злосторствата и недостигот на поостри казни.
- „Ова мора да престане“ -
Во изјава за Агенција Анадолија (АА), дописникот на „Спор ФМ“, Арис Асвестас, истакнувајќи дека насилството во спортот во Грција постои со децении рече: „За жал, во Грција постои таква ситуација и никој не се бори со тоа. Ниту државата може да се бори со тоа, ниту тимовите досега можеа да постигнат некој успех во таа борба. И двете страни имаат одговорност. Владите генерално преземаат некои мерки, донесуваат закони, но не ги спроведуваат.“
Асвестис нагласи дека покрај заострувањето на казните важно е да се спречи криминалците да бидат ослободувани без да ги издржуваат казните.
„Друга мерка на претпазливост е тимовите да ги преземат своите одговорности во справувањето со овој проблем, особено надзорот на навивачките клубови и здруженија. Бидејќи овие здруженија содржат криминални елементи. Полицијата при истрагите кај нив наоѓа оружје, ножеви, стапови. Ова мора да престане“, рече Асвестас.
Според податоците на грчката полиција, во 2021 година пријавени се вкупно 118 тепачки меѓу хулигани, од кои 46 биле далеку од теренот на кој се одржувал натпреварот.
- „Не сакам одмазда, сакам правда“ -
Хулиганството одзеде живот во Солун во февруари 2022 година, но јавноста гласно го изрази своето барање за преземање мерки за да се спречат слични инциденти.
Таткото на Алкис рече: „Не сакам одмазда, сакам правда.“ Дедото на Алкис нагласи: „Јас никого не мразам. Сите треба да покажеме љубов кон луѓето.“