Tuğrul Çam
16 Август 2017•Ажурирај: 17 Август 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека од властите на Курдската регионална управа во северен Ирак се очекува да се откажат од најавениот референдум за отцепување од Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во екот на постоечката длабока криза во Ирак, таквиот референдум може само да ја влоши ситуацијата, па дури да доведе и до избивање на граѓанска војна“, порача шефот на турската дипломатија Чавушоглу.
Претседателот на Курдската регионална управа во северен Ирак (IKBY), Месут Барзани, претходно изјави дека нема да се откаже од одлуката за распишување на референдум за независност и најави негово одржување на 25 септември оваа година. На прашањето зошто токму сега е донесена одлуката за референдум, Барзани одговори: „А зошто не сега?“, и потсети дека „референдумот за независност“ веќе неколкупати е одложуван.
Официјален Багдад се противи на одржувањето на тој референдум, а неодамна и САД ги повикаа курдските власти во Ирак да се откажат од тој план.
Паралелно со тоа, со еднострана одлука на курдските претставници во регионалниот парламнет во Киркук ќе биде распишан референдум на кој граѓаните од регионот ќе одлучуваат дали сакаат да бидат под ингеренциите на централната влада на Ирак или на Курдската регионална управа, која на септемврискиот референдум сака да прогласи независност. И тоа се чини како уште еден камен за сопнување во Ирак, кој веќе со години е средиште на длабока политичка и безбедносна криза.