Tuba Onğun
02 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Турската национална авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) почна со користење одржливо авионско гориво на своите летови за да помогне во намалувањето на штетните емисии на јаглерод диоксид, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Првиот лет на „Туркиш ерлајнс“ со авионско гориво добиено од одржливи извори, полета денеска од Аеродромот „Истанбул“ за Аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз“, се вели во соопштението на авиопревозникот.
Оттаму велат дека иако одржливото гориво, кое ги намалува емисиите за 87 отсто, ќе се користи еден ден неделно на избраната рута, авиокомпанијата во моментов планира да го користи на различни рути во пошироки размери.
„Работиме одговорно за да постигнеме одржливост. Нашиот прв лет кој користеше одржливи ресурси е дел од таа визија“, рече Ахмет Болат, претседател на Управниот и Извршниот одбор на „Туркиш ерлајнс“, ветувајќи дека овие напори ќе продолжат.
Еколошкото гориво за рафинирање на нафта се складира од подружницата на „Туркиш ерлајнс“, „Турски услуги за гориво“ (TFS), за да се користи во авионите по мешање со авионското гориво.
„Туркиш ерлајнс“, исто така, спроведува проект за одржливо биомлазно гориво базирано на микроалги во соработка со Универзитетот „Богазичи“ во Истанбул, со поддршка на ТФС.
„По завршувањето на проектот, ќе започне со работа првата интегрирана биорафинерија во Турција и Европа“, се додава во соопштението.
„Туркиш ерлајнс“ од 2008 година спроведе преку 100 оперативни проекти за оптимизација со цел да ги намали штетните емисии на јаглерод диоксид, заштедувајќи над 15.000 тони гориво и спречувајќи ослободување на речиси 48.400 тони јаглерод диоксид во атмосферата во текот на третиот квартал од 2021 година.
Компанијата е основана во 1993 година и има флота од 373 авиони и летови до 334 дестинации во 128 земји во светот.