Beyza Binnur Dönmez
17 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турската владејачка партија денес ги критикуваше еднаквите повици на Обединетите нации (ОН) до Израел и до Палестина за прекин на нападите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Тие упатуваат еднакви повици до убијците на деца и до оние чии деца се убиени. Ова е политичко лицемерие“, напиша на Твитер Омер Челик, портпарол на Партијата за правда и развој (АК Parti). „Овој вид изјави не е ништо друго освен охрабрување на Израел за понатамошни прогонства.“
„Владата на Нетанјаху убива деца. Обединетите нации ги повикуваат Израел и Палестина, велејќи дека „бесмисленото крвопролевање, теророт и уништувањето мора веднаш да престанат“, додава Челик.
Според палестинското Министерство за здравство, бројот на загинати од израелските напади врз Појасот Газа вчера се искачи на 197, од кои 58 се деца, а 34 жени.
Бројот на повредени достигна 1.235, додека десетици згради се уништени или оштетени.
Неодамнешните тензии што започнаа во Источен Кудс (Ерусалим) за време на муслиманскиот свет месец Рамазан се проширија во Газа, откако палестинските групи на отпорот ветија дека ќе се одмаздат за израелските напади во џамијата „Ал-Акса“ и населбата Шеик Џарах, доколку не запрат.
Израел го окупираше Источен Кудс (Ерусалим), каде што се наоѓа комплексот на џамијата „Ал-Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Израел го анектираше целиот град во 1980 година, потег што меѓународната заедница никогаш не го призна.