Sarp Özer
24 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, соопшти дека техничка делегација од Соединетите Американски Држави (САД) е во посета на Турција и дека во тек се разговорите за ситуацијата во Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар во придружба на турскиот министер за индустрија и технологија, Мустафа Варанк и челниците на Вооружените сили на земјата, присуствуваше на церемонијата на примопопредавање на илјада проектили ХГК-82 со систем за наведување.
Во обраќањето на присутните, Акар го искоментира и прашањето дали Турција и понатаму ќе биде одговорна за функционирање на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Авганистан, изјавувајќи дека техничката делегација на САД денеска пристигнала во Министерството за одбрана на Турција и дека преговорите се во тек.
„Досега не се донесени никакви одлуки. Освен на оние кои веќе се таму, не праќаме додатен персонал во тој регион“, изјави Акар.
Истакнувајќи дека Авганистан го претставува срцето на Азија, Акар рече дека таа земја има клучна важност и дека Турција со неа негува длабоко вкоренети историски и културни врски.
Потсетувајќи дека Турција и Авганистан ја одбележуваат 100-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и дека во првиот билатерален договор од 1921 година е наведено дека тие две земји ја делат судбината и среќата, Акар изјави дека Турција и понатаму максимално се залага за мир, безбедност и стабилност за братскиот авганистански народ.
Турција во согласност со меѓународните резолуции учествува во мисиите во Авганистан уште од 2002 година, а Акар изјави дека ги ценат и почитуваат нејзиното залагање и улогата во тие мисии.
„Се работи за тоа дека треба да се зачува она што е постигнато во изминатиот период и во тој контекст, ние, доколку се исполнат сите потребни услови, треба да продолжиме да преземаме одговорност за работата на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“, а тоа веќе го правиме шест години. За тоа траат преговорите. Со другите земји заеднички работиме на тоа, а во тој контекст дојде и техничката делегација на САД“, изјави Акар.
Тој на крајот порача дека Турција сака да дојде до решение кое ќе ги задоволува интересите и на Турција и Авганистан, и дека е подготвена да продолжи да вложува напори за безбедност, просперитет и спокој на авганистанските браќа.