Ramazan Kaya,Esma Küçükşahin
24 Јули 2022•Ажурирај: 25 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Туркије продолжува да ги исполнува своите обврски од договорот за житото што го склучи со Русија и Украина во петокот во Истанбул.
Акар за Агенција Анадолија (АА) рече дека Туркије била во контакт со украинската и руската страна по вчерашниот (саботен) ракетен напад врз украинското пристаниште во Одеса.
Акар рече дека откако слушнал за ракетниот напад имал телефонски разговори со неговиот украински колега Олексеј Резников и министерот за инфраструктура Александар Кубраков.
„Нè загрижи фактот што таков инцидент се случи веднаш по договорот за испорака на жито“, рече турскиот министер.
Тој истакна дека Туркије на состаноците ја изразила својата поддршка и дека се залага за континуирана соработка на двете страни на мирен и трпелив начин.
„Продолжуваме да ги исполнуваме нашите одговорности во согласност со договорот што го постигнавме вчера“, рече Акар.
„Според украинските власти, нема застој во капацитетот на товарење во пристаништето во Одеса“, додаде тој.
Акар напомена дека украинските власти рекле дека „еден од проектилите погодил еден од силосите за жито, а другиот проектил паднал близу силос, но дека е важно да нема назадување во капацитетот на испорака и дека активностите можат да продолжат.
„Туркије е во близок контакт и со Русија“, додаде Акар, велејќи дека „Русите рекоа дека немаат апсолутно никаква врска со овој напад и дека многу внимателно и детално ја истражуваат ситуацијата“.
Осврнувајќи се на договорот со којшто се овозможува продолжување на извозот на украинското жито преку Црното Море, Акар рече: „Дојде до пад на цените (на житото) како што констатираа стручњаците, така што тоа треба да продолжи бидејќи е многу важно за човештвото, во смисла на задоволување на потребите за храна и олеснување на луѓето кои го чекаат ова.“
Додаде дека турската координација со Русија и Украина продолжува.
„Работите што ги изведуваме од петокот со цел заедничкиот координативен центар да работи, како што бара договорот, се завршени.“
Со посредство на Туркије и ОН, Киев и Москва во петокот во Истанбул потпишаа договор за извоз на украинско жито од црноморските пристаништа.