Levent Kişi
20 Јануари 2017•Ажурирај: 21 Јануари 2017
АНТАЛИЈА (АА) - Одговорните од општината Конјаалти во Анталија истоварија 6 камиони снег и на +17 ги израдуваа своите сограѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Конјаалти е место коешто е познато по високите температури, но благодарение на обилните снежни врнежи во околината, одговорните од општината на своите сограѓани им овозможија да организираат една поинаква активност.
Екипите на општината донесоа 6 камиони снег од подрачјата Гејикбајири и Сакликент, кој го истоварија на плоштадот во центарот на Конјаалти. Граѓаните кои беа излезени на прошетка покрај морето, на температура од 17 степени, беа изненадени кога го забележаа снегот. Тие убаво се забавуваа во борбата со снежни топки.
На снегот најмногу му се израдуваа децата. Поголемиот дел од нив за првпат видоа снег и си играа со него.
И градоначалникот на Конјаалти, Мухитин Боџек учествуваше во војната со снежни топки и ја сподели возбудата со граѓаните на Анталија.
Градоначалникот Боџек во разговор за АА потсети на зборовите на големиот лидер Мустафа Кемал Ататурк: „Без сомнение, Анталија е најубавото место на светот“.
Зборувајќи за туризмот на Анталија и за убавините на овој град на Медитеранот, градоначалникот Боџек изјави: „Анталија има нешта со кои ниту едно место на светот не може да се пофали. Сега сте покрај брегот на Медитеранот и уживате во сонцето, а за само 35 минути пристигнувате во Сакликент и можете да скијате. Во повисоките предели имаше обилни врнежи од снег, а дел од децата не беа во можност да си играат со снегот. По големиот број барања, го донесовме снегот на брегот, за да можат децата заедно со своите семејства да се забавуваат“.
„Додека речиси цела Турција е под интензивни врнежи од снег, во Анталија, каде што и зимата и летото се особено убави, луѓето уживаат во сончевото и топло време“, беа зборовите на градоначалникот Боџек.
Градоначалникот Боџек рече дека идниот месец во Сакликент ќе биде одржан снежен фестивал: „Се надевам дека на 12 февруари народот ќе продолжи да ужива во снегот“, додаде тој.
- „Син ми за првпат виде снег“
И Хатиџе Куртоглу беше меѓу учесниците на снежната забава што ја подготви градоначалникот на Конјаалти во центарот: „Син ми за првпат виде снег. Тој е многу среќен играјќи во снегот заедно со останатите деца. Се забавуваат како луди“.
Лејла Тотош, која покрај брегот си играше со својот внук, не го криеше задоволството од играта во снегот. Тотош вели дека била зачудена кога го забележала ридот од снег. „Трчајќи дојдовме за да можам со внукот да уживам во играта со снегот. Ова е нешто сосема поинакво за нас. Му се заблагодарувам на секој што учествувал во овој проект“, вели госпоѓа Тотош.
Снегот не се стопи со часови и им овозможи на голем број минувачи, играјќи со него да се вратат во своето детство.