АНКАРА
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека муслиманите се најголеми жртви на опасниот бран на омраза и нетолеранција во светот и порача дека Турција и понатаму ќе продолжи да го крева гласот и да ги штити правата и интересите на угнетените и загрозени народи и заедници, јавува Агенција Анадолија (АА)
„Додека сè уште се свежи раните на бројните злосторства извршени од Босна до Аракан, од Туркистан до Ирак и Сирија, од Нов Зеланд до Палестина, нашите рани повторно крвават поради постојаните вести за нови напади. Историјата никогаш нема да им прости на оние што го свртеа грбот и ги оставија мигрантите да умираат на море. Последниот напад во Канада е најочигледен пример за тоа до каде стигнаа брановите на таа омраза и нетолеранција кон муслиманите“, рече Ердоган.
Ердоган во текот на обраќањето пред парламентарната група на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија), најостро го осуди нападот во неделата во Онтарио, Канада, во кој беа убиени четири члена на муслиманско семејство, а едно деветгодишно дете беше повредено, и упати порака со сочувство.
„Начинот на кој ги отворивме нашите врати и со згрижување на бегалците ја исполнивме нашата хуманитарна обврска, како Турција нема да престанеме да го креваме својот глас против омразата и нападите врз муслиманите во сите делови на светот“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција со сета своја сила и понатаму ќе говори дека светот е поголем од петте постојани сили во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), Ердоган нагласи дека Турција ќе продолжи да ги брани правата и интересите на сите обесправени и загрозени заедници во целиот свет.
- Турција очекува од сојузниците на НАТО само да го почитуваат нејзиниот суверенитет -
Турскиот претседател рече дека во понеделник заминува на Самитот на лидерите на НАТО во Брисел и дека на тој собир ќе разговара за сите актуелни теми, како и дека на маргините на Самитот ќе се состане со американскиот претседател Џо Бајден и со лидерите на Литванија, Германија, Велика Британија и на Грција.
„Турција е најважната членка на НАТО и целосно ги исполнува сите свои обврски што произлегуваат од членството. Од другите сојузници очекуваме само едно, а тоа е во контекст на случувањата во нашиот регион да ги почитуваат нашите права, суверенитет и чувствителност кон безбедносните прашања. На сите соговорници ќе им ја повториме нашата одлучност на тоа поле, а ќе ги повториме и нашите понуди за соработка во борбата против тероризмот и спроведувањето на итните хуманитарни акции во кризните подрачја“, рече Ердоган.
- ЕУРО: Ердоган и Алијев ќе го следат мечот помеѓу Турција и Велс во Баку -
По завршувањето на посетата на Брисел, Ердоган ќе отпатува во Баку, од каде што со азербејџанскиот колега Илхам Алијев ќе ја посети Шуша, градот неодамна ослободен од ерменска окупација. Додаде дека Турција планира да ги интензивира напорите за зајакнување на регионалниот дијалог и соработка.
Со натпреварот помеѓу Турција и Италија во петок ќе започне Европското првенство во фудбал, а Ердоган му посака среќа и успех на турскиот национален тим и најави дека на 16 јуни во друштво на Алијев во Баку ќе го следи вториот меч во кој Турција ќе игра против Велс.
Турскиот претседател Ердоган истакна дека од Баку ќе отпатува за Анталија, каде што ќе присуствува на самитот на лидерите на земјите на Југоисточна Европа и на Дипломатскиот форум.
- Ердоган: „Ќе го исчистиме Мраморното Море од слузниот слој“ -
Турскиот претседател ги коментираше и актуелните случувања во Турција и рече дека е започната една од најголемите акции за чистење на Мраморното Море, што изминатите дена го преплави густ слузен слој.
„Мраморното Море ќе го прогласиме за заштитена зона и ќе ги подигнеме системите за прочистување на отпадните води на највисоко технолошко ниво. Ќе го исчистиме Мраморното Море“, рече Ердоган и додаде дека завршувањето на стратешкиот план за трајно решение со чистотата на Мраморното Море се очекува во рок од три месеци.
Турскиот претседател понатаму рече дека земјата продолжува со спроведувањето мегапроекти кои претставуваат гордост на нацијата и додаде дека Каналот „Истанбул“ сигурно ќе биде еден таков проект.
Тој ја пофали и еколошката политика на Турција и наведе дека Турција е прва во Европа, а четврта во светот по бројот на засадени садници. Додаде дека и по производство на енергија од обновливи извори земјата се наоѓа на шесто место во Европа, а на 13-то место во светски рамки.
news_share_descriptionsubscription_contact
