Zafer Fatih Beyaz,Enes Kaplan
28 Ноември 2021•Ажурирај: 28 Ноември 2021
АШХАБАТ (АА) - Претседателите на Турција и Туркменистан, Реџеп Таип Ердоган и Гурбангули Бердимухамедов, објавија заедничка декларација по билатералните разговори во туркменскиот главен град Ашхабат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во декларацијата Ердоган и Бердимухамадов нагласуваат дека двете земји ќе продолжат да ја развиваат и зајакнуваат стратешката соработка на сите полиња.
„За време на нивната средба во палатата „Огужан“ разговарано е за широк спектар прашања поврзани со билатералната соработка и важни меѓународни прашања од заеднички интерес во пријателска атмосфера со меѓусебно разбирање“, се наведува во соопштението на Одделот за комуникации при турското Претседателство.
Нагласувајќи дека имаат слични перспективи за главните меѓународни прашања и дека ќе ја унапредат соработката, двајцата лидери изразија согласност за понатамошно унапредување на билатералната соработка, вклучително и на глобалните платформи.
Тие, исто така, го изразија своето задоволство од успехот на 8. Самит на Организацијата на туркиски држави, што се одржа во Истанбул на 12 ноември, на кој Туркменистан присуствуваше како набљудувач, додавајќи дека е постигнат договор за натамошно развивање на мултилатералната соработка во рамките на организацијата, претходно позната како Туркиски совет.
Ердоган и Бердимухамадов нагласуваат дека соработката ќе им служи на долгорочните интереси на двете земји, како и на глобалниот и регионалниот мир, стабилност и безбедност.
- Економска соработка -
Двајцата лидери ја потврдија важноста од зголемување на обемот на трговска размена меѓу Турција и Туркменистан со трговијата на производи од преработувачката индустрија.
Тие истакнаа дека функционалноста на Меѓувладината турско-туркменска комисија за економска соработка, координативен механизам за развој првенствено на трговско-економските врски и транспортно-комуникациските односи, исто така, треба дополнително да се зајакне.