Gizem Nisa Çebi Demir
08 Јули 2026•Ажурирано: 08 Јули 2026
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес се состана со францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на Самитот на лидерите на НАТО во Анкара, при што двајцата лидери разговараа за билатералните односи, како и за регионалните и глобалните случувања, соопшти Дирекцијата за комуникации на Турција, јавува Анадолу.
За време на средбата, Ердоган изјави дека е дојдено време Турција и Франција да ги зголемат своите меѓусебни цели во трговијата, нагласувајќи дека Анкара ќе продолжи со напорите за унапредување на соработката во сите области.
Ердоган, исто така, ја истакна важноста од зајакнување на европскиот столб на НАТО за да се зачува „трансатлантската врска“ меѓу сојузниците. Тој додаде дека тоа треба да се направи внимателно, за да не се ослабат сојузничките односи и да не се прават непотребни паралелни структури.
Тој додаде дека Турција ќе ги поддржи одбранбените иницијативи на ЕУ врз основа на тие принципи.
Во однос на Иран, Ердоган рече дека се надева оти Меморандумот од Исламабад ќе придонесе за мир во регионот, додавајќи дека Турција останува „оптимистична, но претпазлива“ и оти „мора да се внимава на провокациите“.
Турскиот претседател исто така рече дека Анкара продолжува со напорите за помош во ставањето крај на војната меѓу Русија и Украина и дека презема чекори за оживување на дипломатскиот процес.
Според турската Дирекција за комуникации, претседателот Ердоган му изрази поддршка на Макрон по бомбашкиот напад во близина на хотелот во Дамаск каде што престојуваше францускиот претседател.