Kaan Bozdoğan
28 Март 2022•Ажурирај: 28 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Следниот состанок на рускиот и украинскиот преговарачки тим ќе се одржи во турската метропола Истанбул, договорено е помеѓу турскиот и рускиот претседател, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во телефонски разговор, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин разговараа за најновите случувања и за преговарачкиот процес во руско-украинската војна, се наведува во соопштението на Дирекцијата за комуникации при Претседателството на Турција.
Истакнувајќи ја потребата од итен прекин на огнот и постигнување мир меѓу Русија и Украина, како и за чекорите за подобрување на хуманитарната ситуација во регионот, Ердоган нагласи дека Турција ќе продолжи да дава секаков вид поддршка на овој процес.
Не се дадени датуми за средбата.
На 10 март, Турција беше домаќин на средбата на министрите за надворешни работи на Русија и Украина во турскиот град Анталија, средба на највисоко ниво од двете страни од почетокот на војната на 24 февруари.
Турција доби пофалби за нејзините напори за ставање крај на војната, потпомогната од нејзината единствена позиција поради пријателските односи и со Русија и со Украина.