Sarp Özer
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска телефонски разговораше со грчкиот премиер Алексис Ципрас во врска со кипарското прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Кабинетот на претседателот на Турција, двајцата челници, вечерва размениле мислења и идеи за кипарското прашање.
Ердоган и Ципрас притоа ја истакнале важноста од тоа сите страни да заземат конструктивен став со цел да се постигне позитивен резултат во текот на преговорите во Женева.
Инаку, преговорите за кипарското прашање водени под покровителство на Обединетите нации (ОН), во присуство на претседателот на Турската Република Северен Кипар Мустафа Акинџи и лидерот на Јужен Кипар Никос Анастасијадис започнаа денеска во Женева.
Кипарските лидери во Женева беа пречекани од шефот на ОН во Женева, Мајкл Молер, и специјалниот пратеник на ОН за Кипар, Еспен Барт Еиде.
Лидерите по заедничкото фотографирање ги започнаа тридневните разговори. На првиот ден од преговорите ќе се дискутира за имотот, а потоа за распределба на власта и надлежностите. Покрај тоа, се планира во текот на преговорите да се дискутира и за безбедноста и гаранциите.
Во среда, на 11 јануари, страните треба да дадат свои предлози, а еден ден подоцна, односно на 12. јануари ќе се одржи конференција на која ќе присуствуваат претставници на Турција, Грција и Велика Британија.
По одржувањето на преговорите за кипарското прашање во Монт Пелерин, Швајцарија, во ноември минатата година не вродија со плод, лидерите се состанаа на 1 декември, и одлучија во јануари да се одржи меѓународна конференција за ова прашање.
Кипарското прашање се состои од шест основни теми: економијата, Европската Унија (ЕУ), имотот, распределбата на надлежностите и администрацијата, територијалното уредување, безбедноста и гаранциите.