АНКАРА (АА) - Турција нема аспирации за територијата на друга земја, туку само сака да ја обезбеди сигурноста на своите граници и стабилноста на своите соседи, изјави денеска претседателот Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на редовниот состанок на парламентарната група на Партијата на правдата и развојот (АК Партијата), Ердоган рече дека новата антитерористичка прекугранична операција на Турција во северен Ирак, „Канџа-катанец“, има за цел „да ги ослободи ирачките територии од терористите и да ја гарантира безбедноста на нашите граници“.
„Турските вооружени сили ја започнаа оваа операција за расчистување на областите окупирани од терористите“, рече Ердоган, додавајќи дека оваа област била користена од терористите на ПКК за подготовка и организирање терористички напади на турска територија.
Тој додаде дека Турција прави максимални напори да придонесе за зајакнување на територијалниот интегритет на Ирак и политичкото единство „за да можат нашите соседи да живеат во безбедност и мир“.
„Ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Работиме во Сирија со истата цел како и во Ирак“, додаде турскиот претседател.
Операцијата „Канџа-катанец“, која започна во понеделникот, вклучува тимови од командоси и специјални сили со поддршка на беспилотни летала, јуришни хеликоптери и артилериски елементи.
Министерството за одбрана на Турција соопшти дека операцијата, во согласност со принципите за самоодбрана од Повелбата на Обединетите нации, започнала откако било утврдено дека терористичката организација ПКК планира да изврши напад од големи размери.
Терористите на ПКК често се кријат во северен Ирак, планирајќи терористички напади во Турција.
Операциите на Турција „Канџа-тигар“ и „Канџа-орел“ започнаа во 2020 година за да се обезбеди сигурност на турскиот народ и границите со неутрализирање на заканата од ПКК и други терористички групи кои го користат северен Ирак за планирање прекугранични напади.
Турските безбедносни сили водат опсежна борба против терористите на ПКК во Турција, но и во северните делови на соседните Ирак и Сирија. ПКК е сепаратистичка организација којашто се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, Европската Унија и САД. За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Турскиот претседател се осврна и на неодамнешните настани во Палестина.
„Ефикасната одбрана на палестинската цел лежи во разумен, логичен, конзистентен, избалансиран однос со Израел“, рече Ердоган.
Тој додаде дека Турција сè уште нема намера да замижува пред окупацијата и нападите на светите места во Ал Кудс (Ерусалим) и другите палестински територии.
„Ќе продолжиме да ги исполнуваме барањата на нашата сопствена историја и верувања. За Турција, политичките и економските врски со Израел, кои ги бараат глобалните и регионалните фактори, се одвоени од ерусалимската цел“, рече Ердоган.
Ердоган вчера телефонски разговараше со израелскиот претседател Исак Херцог за регионалните прашања и билатералните односи, особено за настаните предизвикани од одредени израелски радикални групи и безбедносни сили во Палестина.
За време на разговорите Ердоган рече дека е многу тажен поради настаните на Западниот Брег и во Џамијата „Ал Акса“ од почетокот на месецот Рамазан, во кои беа повредени над 400 Палестинци, а 18-мина загинаа, меѓу кои и деца.
Тензиите на палестинските територии се во пораст откако израелските сили упаднаа во комплексот на Џамијата „Ал Акса“ во петокот, при што беа повредени стотици верници.
Стотици еврејски доселеници овие денови влегуваат во комплексот „Ал Акса“ под силна полициска заштита за да ја прослават Пасха, која започна во петокот.
news_share_descriptionsubscription_contact


