Meltem Öztürk
17 Март 2017•Ажурирај: 18 Март 2017
ЕСКИШЕХИР (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција ќе воведе забрана за летови за земјите што го забранија летот на шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, јавува Anadolu Agency (AA).
На собирот во Ескишехир, претседателот Ердоган истакна дека на Турција ѝ е потребен поефикасен систем за управување, кој е предвиден со реформата на Уставот, која на 16 април ќе биде предмет на референдумот во таа земја.
Во таа пригода, Ердоган изјави дека демократијата и слободите на Западот траат сѐ додека се во согласност со интересите на тие земји.
„Политичките партии во тие земји сфатија дека расизмот, фашизмот, омразата кон странците и антиисламизмот земаат замав и се свртеа во тој правец, а на страна ја оставија демократијата, правото, правдата и слободите. Европскиот суд донесува одлука и ги забранува шамиите. Ни здосади веќе. Па, каде се тие слободи, верски слободи за кои зборуваа“, изјави Ердоган.
Осврнувајќи се на неодамнешниот скандал во холандскиот град Ротердам, Ердоган изјави дека вратата на Турција е затворена за недемократите кои ги затворија своите врати за турската министерка и не ѝ дозволија да влезе во турскиот конзулат во Ротердам, кој е територија на Турција.
„На оние што на мојот министер за надворешни работи му го забранија летот, нека не им се замеруваат, отсега има и наша забрана за летови“, порача Ердоган.
Холандските власти во саботата го откажаа гостопримството на шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, а истиот ден ја спречија и турската министерка за семејна и социјална политика, Фатма Бетул Сајан Каја, да го посети турскиот конзулат во Ротердам.
Холандската полиција ја депортираше министерката Каја во Германија, а турските граѓани се собраа пред конзулатот за да протестираат против тој чин. Полицијата во зградата на конзулатот ги држеше затворени турските дипломати, а со употреба на сила, брутално интервенираше и на собирот на демонстрантите.
Скандалот предизвика остра реакција на официјална Анкара, а турските државјани протестираа пред холандските дипломатски канцеларии во Турција и во другите земји.