Asiye Latife Yılmaz
09 Март 2026•Ажурирај: 10 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Жирито на престижниот Меѓународен натпревар за фотографии „İstanbul Photo Awards 2026“, организиран од Анадолу, денес го започна оценувањето на пристигнатите фотографии со цел избор на најдобрите фотографии за оваа година, јавува Анадолу.
За време на онлајн сесиите, кои се следат преку специјално развиена платформа за оценување на Анадолу, членовите на жирито од седум земји во текот на два дена ќе ги изберат најдобрите фотографии од изминатата година.
Во искусното жири се вклучени истакнати имиња од светот на фотографијата, меѓу кои фотографот и филмски автор на „Нешнал џиографик“, Ами Витале, фоторепортерката Керол Гузи, Јури Козирев од агенцијата Нур, фоторепортерот на „Глоуб енд мејл“ Горан Томашевиќ, главниот спортски фоторепортер на „Гети имиџис“, Камерон Спенсер, како и турските фоторепортери Ахмет Сел и Фират Јурдакул.
Оваа година на жирито им се приклучија и фоторепортерите Никол Тунг и Мухамед Мухеисен, двајца меѓународно признати автори познати по моќното визуелно раскажување.
Професионалните фотографи ги испратија своите фотографии во периодот од 13 ноември 2025 до 13 јануари 2026 година, при што доставените фотографии ги опфаќаат најзначајните глобални настани од изминатата година.
Натпреварот, организиран со цел поддршка на новинарската фотографија на глобално ниво, оваа година доби речиси 19.000 фотографии од 1.587 фотографи од 113 националности.
Се прифаќаат фотографии во 10 категории, меѓу кои вести, спорт, природа и животна средина, секојдневен живот и портрет. Дозволени се поединечни фотографии и фотографии во серија.
Натпреварот прифаќа фотографии направени во текот на годината кои имаат новинарска вредност. Во секоја категорија ќе бидат доделени по три награди, додека главната награда „Фотографија на годината“ во категоријата „Поединечна вест“ изнесува 6.000 долари.
Вкупно ќе бидат доделени награди во износ од 58.000 долари, при што првото место во секоја категорија ќе добие 3.000 долари, второто 1.500, а третото 1.000 долари.
Победниците ќе бидат објавени на крајот на март, а компанијата Турксел и оваа година продолжува да го поддржува натпреварот како комуникациски спонзор.
Од своето основање, „İstanbul Photo Awards“ прерасна во платформа со повеќе од 20.000 учесници, придонесувајќи за развојот на фотографијата не само преку наградите, туку и преку изложби и фотоалбуми со наградените дела.
Натпреварот привлекува професионални фотографи од целиот свет, а наградените фотографии од претходните години може да се погледнат на официјалната веб-страница на натпреварот: www.istanbulphotoawards.com.