Murat Paksoy
23 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Здружението на турските и арапските медиуми остро ја критикуваше пресудата на судот во Саудиска Арабија, кој денес ги изрече пресудите во случајот со убиството на проминентниот саудиски новинар Џамал Кашоги, јавува Агенција Анадолија (AA).
Судот во Саудиска Арабија во случајот со убиството на Кашоги денес изрече смртни казни за пет лица, а тројца обвинети осуди на вкупно 24 години затвор.
Од Здружението на турски и арапски медиуми, чиј член беше и Кашоги, порачаа дека судењето и пресудите не го расветлиле случајот, туку дека се на линија на обидот да го прикријат бруталното убиство.
Во соопштението на Здружението се наведува дека истрагите и извештаите на ОН откриле дека убиството го организирала и извршила група професионалци поврзани со саудиските институции и се наведува дека потрагата по вистината во тој случај ќе биде продолжена.
„Земајќи ги предвид големиот број службеници кои по убиството биле во Конзулатот и ги прикривале доказите, можеме да кажеме дека истрагата може да се прошири на голем број саудиски службеници. Иако таквото брутално убиство се случи пред очите на светската јавност, денешните пресуди не го расветлија случајот и не ја растоварија јавноста, туку се на линија на обидот за прикривање на свирепото убиство. За нас тие лажирани пресуди не се доволни и ќе продолжиме да го поставуваме прашањето „Каде е телото на Кашоги?“. Пронајдовте ете осум одговорни за убиството, па зарем не можевте да дознаете и што се случило со неговите посмртни останки“, се наведува во соопштението.
Главниот државен обвинител на Саудиска Арабија, Сауд бин Абдула ал Муаџаб, денес соопшти дека судот осудил на смрт пет лица поради учество во убиството на новинарот Кашоги. Уште три лица се осудени на затворски казни во вкупно траење од 24 години. Три лица се ослободени од обвиненијата.
Тој на прес-конференцијата изјави дека во случајот за убиството на Кашоги меѓу обвинетите не биле поранешниот кралски советник, Сауд ал Катани, и поранешниот саудиски конзул во Истанбул, Мухамед ал Отеиби.
Обвинение не е подигнато ниту против поранешниот заменик-шеф на саудиската Разузнавачка служба, Ахмед Асири, кој исто така бил под истрага.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ беше убиен на 2 октомври 2018 година во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Независната истражителка на Обединетите нации (ОН), Агнес Каламард, во Извештајот за убиството вели дека егзекуцијата на Кашоги била намерна, извршена со предумисла, и поттикна на отворање истрага за саудискиот принц Мухамад бин Селман.
Саудиските власти за убиството ги обвинуваат агентите и инсистираат на тоа дека саудискиот принц не бил вмешан.