Fatih Hafız Mehmet
31 Март 2019•Ажурирај: 01 Април 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Турција денес се одржуваат избори на кои граѓаните ја избираат локалната власт за мандат од пет години, јавува Anadolu Agency (AA).
Правото на глас, меѓу останатите, го искористија и кандидатите за градоначалници на турските метрополи Истанбул, Анкара и Измир.
Бинали Јилдирим, кандидатот за градоначалник на Истанбул од владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti), на избирачкото место во Истанбул пристигна во придружба на сопругата Семихa Јилдирим и внукот.
По гласањето, тој пред новинарите истакна дека интересот на граѓаните за овие избори е голем.
„Изборите се еден вид празник на демократијата. Денес имаме можност да избереме локална власт за наредните пет години. Се надевам дека овие избори дополнително ќе ги зајакнат нашето братство, единство и заедничката иднина“, рече Јилдирим.
Екрем Имамоглу, кандидат на опозициската Републиканска народна партија (CHP) за градоначалник на Истанбул, на избирачкото место дојде со сопругата Дилек Имамоглу, а по гласањето изјави дека очекува добар изборен резултат во Истанбул.
„Се надевам дека гласачите ќе ги изберат кандидатите кои во турските градови ќе ја осигураат среќата и благосостојбата на сите граѓани во турските градови“, рече Имамоглу.
Мехмет Озхасеки, кандидат на АК Партијата за градоначалник на Анкара, по гласањето изјави дека смета оти граѓаните на Турција денеска ќе имаат можност да кажат што мислат за сите кандидати и нивните проекти.
„Важно е изборите да резултираат со позитивни процеси за Турција, но и за Анкара“, рече Озхасеки.
Нихат Зејбекџи, кандидатот на АК Партијата за градоначалник на Измир, истакна дека гласачите во Турција ќе изберат лица кои ќе раководат со градовите и метрополите следните пет години.
Се надевам дека Измир ќе го заземе своето место во трката со градовите на 21 век. Нека победи Измир“, рече Зејбекџи.
Тунч Сојер, кандидат на опозициската Републиканска народна партија (CHP) за градоначалник на Измир, по гласањето порача дека секои избори се тест за демократијата.
„Верувам дека денес сите успешно ќе го положиме тој испит. Нека ни е со среќа“, рече Сојер.
Избирачките места во источниот дел на Турција утрово беа отворени во 7:00 часот по локално време, додека избирачките места во западниот дел на државата се отворени од 8:00 до 17:00 часот. Вкупно 12 политички партии учествуваат на изборите на кои граѓаните денеска ја избираат локалната власт со мандат од пет години. На изборите учествуваат вкупно 73 независни кандидати за функцијата градоначалник, а право на глас имаат 57 милиони граѓани. Турција ја сочинуваат вкупно 81 област, меѓу кои има 30 метрополи, вклучувајќи ги и Истанбул и Анкара.
Во 30 големи градови во Турција регистрирани се 44.212.704 гласачи кои денес ќе гласаат на 142.777 избирачки места. Во преостанатите 51 град се регистрирани 12.837.077 гласачи кои гласаат на 51.851 избирачко место. Избирачките места ќе бидат отворени и во затворите низ целата земја.
Гласачите во Турција избираат градоначалници за поголемите градови, градоначалници на општини, како и градски или обласни и општински совети. Гласачите ќе ги изберат и најниските инстанци на локалната власт во Турција, односно одговорните лица на селата - мухтарите, како и советите.