Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
14 Октомври 2020•Ажурирај: 15 Октомври 2020
АНКАРА
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, во телевизиско интервју вчера ги нагласи посебните односи меѓу Турција и Азербејџан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Калин рече дека во моментов се води борба за моќ во Јужен Кавказ, осврнувајќи се на тековните судири меѓу Азербејџан и Ерменија.
Тој изјави дека сите страни во Турција го поддржуваат Азербејџан.
Побивајќи ги тврдењата на ерменската страна, кои ја обвинуваат Турција за кршење на примирјето, највисокиот турски претставник истакна дека земјата се залага за дипломатско решение во регионот, притоа истакнувајќи ја важноста за ставање крај на ерменската окупација на азербејџанските територии.
Калин понатаму нагласи дека нема да биде можно да се стави крај на конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија без Групата Минск да изготви акционен план со јасна рамка и датуми.
Хуманитарното примирје беше прогласено во саботата за размена на затвореници и за извлекување на телата од војниците на двете страни во Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Прекинот на огнот беше прогласен по трилатералниот состанок одржан во Москва во петокот меѓу министрите за надворешни работи на Русија, Азербејџан и Ерменија.
И покрај примирјето, ерменските сили извршија ракетен напад врз вториот по големина азербејџански град, Ганџа, околу 2.00 часот по полноќ по локално време во неделата и покрај тоа што регионот е надвор од зоната на фронтот - кршејќи го примирјето меѓу двете страни, убивајќи 10 и оставајќи најмалку 35 ранети цивили, вклучително и жени и деца.
Коментирајќи ги тековните тензии во Источниот Медитеран со Грција, Калин изјави дека патот за дипломатија останува отворен.
Потврдувајќи дека неодамнешните истражувачки активности на истражувачкиот брод „Оруч Реис“ се во областа во рамките на турскиот континентален гребен, тој повтори дека барањата на Грција во врска со Источниот Медитеран се „неправедни“.
Како одговор на прашањето во врска со можното обновување на врските меѓу Турција и Египет, Калин рече: „Доколку Египет открие подготвеност да дејствува со позитивна агенда за регионалните прашања, Турција не би го оставила тоа без одговор.“
Во август, Турција продолжи со истражувања на енергетските ресурси во Источниот Медитеран, откако Грција и Египет потпишаа спорен договор за одредување на поморската граница.
Прогласувајќи го грчко-египетскиот договор за неважечки, Турција наложи бродот „Оруч Реис“ да ги продолжи своите активности во рамките на турскиот континентален гребен.
Турција континуирано се спротивставува на напорите на Грција за прогласување ексклузивна економска зона врз основа на малите острови во близина на турскиот брег.
Анкара, исто така, нагласи дека енергетските ресурси во близина на Кипар мора да бидат поделени праведно помеѓу Турската Република Северен Кипар (ТРСК) и администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар.