Melike Pala
07 Јули 2026•Ажурирано: 07 Јули 2026
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денес изјави дека европските граѓани очекуваат актуелниот Самит на НАТО во Анкара да прати јасна порака дека Алијансата останува камен-темелник на безбедноста и одвраќањето на континентот, јавува Анадолу.
„Граѓаните на Европа од Самитот во Анкара очекуваат јасна порака дека НАТО останува сигурен столб на нивната одбрана и фактор на одвраќање, втемелен на цврстото трансатлантско партнерство“, истакна Кошта во своето обраќање заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Кошта истакна дека Европа презема поголема одговорност за сопствената безбедност, а истовремено останува целосно посветена на Алијансата.
„Нашите земји членки ги исполнуваат своите обврски. Европа презема поголема одговорност за својата одбрана и сега треба да продолжиме по тој пат“, додаде тој.
Фон дер Лајен повтори дека „силна Европа значи силен НАТО“, истакнувајќи дека ЕУ мобилизирала до 800 милијарди евра (914 милијарди долари) до 2030 година, со цел зајакнување на својата одбранбена индустриска база.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја нагласи поделбата на одговорностите меѓу НАТО и Европската Унија. Тој појасни дека Алијансата се фокусира на воените капацитети, стандардите и командите, а ЕУ дава поддршка во делот на отпорноста, инфраструктурата, одбранбената индустрија и финансирањето.
Руте ги пофали напорите на блокот за мобилизирање средства за одбраната преку иницијативи, како што е „Безбедносната акција за Европа“ (SAFE), нагласувајќи дека поблиската соработка меѓу НАТО и ЕУ е од суштинско значење во сегашните безбедносни услови.
Дводневниот самит на НАТО во Анкара ги собра лидерите на 32 земји членки на Алијансата, како и клучните партнери, со цел да разговараат за европските одбранбени капацитети, целите на Алијансата за трошоците за одбрана, воената модернизација и континуираната поддршка за Украина.