Göksel Yıldırım
08 Декември 2020•Ажурирај: 09 Декември 2020
АНКАРА
Министерката за трговија на Турција, Рухсар Пекџан, истакна дека за нив е значајно зголемувањето на странските директни инвестиции во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката Пекџан присуствуваше на Меѓународниот самит на инвеститори организиран од Меѓународната асоцијација на инвеститори (YASED).
Пекџан, наведувајќи дека со Меѓународната асоцијација на инвеститори (YASED) постојано се среќаваат, рече дека на средбите разговараат за проблемите особено во периодот на епидемијата, за решенијата на тие проблеми, за промените и трансформациите кај глобалните снабдувачи и за улогата на Турција во тоа.
Таа нагласи дека даваат големо значење на зголемувањето на странските директни инвестиции во земјата.
Посочувајќи дека како Министерство, исто така, придаваат големо значење на дигиталната трансформација, Пекџан рече дека се обидуваат да го ажурираат и прошират портфолиото на извозната поддршка.
„Како Министерство, имаме за цел да ги поддржиме нашите извозници, од аспект на истражување на пазарот, влез на пазарот, маркетинг, глобални синџири на снабдување, па сè до дизајнирање“, нагласи Пекџан.
Потсетувајќи дека како Министерство го започнале проектот „Првиот чекор за извоз во 81 општина“, Пекџан рече:
„Нашата студија во 70 општини откри дека 11.444 наши компании потенцијално можат да бидат извозници, но не се извозници. Ова покажува дека нашите 81 општина се всушност потенцијална област за инвестиции на меѓународните директни инвеститори. Со други зборови, постои потенцијал за производство, инвестиции и извоз не само во одредени центри, туку и низ целата земја. Во претстојниот период, ќе обезбедиме менторска поддршка за сите овие фирми. Одредивме 5 пилот-општини и продолжуваме да го развиваме проектот.“