Muhammet Emin Avundukluoğlu
26 Јануари 2022•Ажурирај: 27 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на турскиот Парламент во вторникот го осуди присилното иселување на семејството Салхие од неговиот дом во населбата Шејк Џарах во окупираниот Источен Кудс, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тековните политики, иселувањето и раселувањето на нашите палестински браќа и сестри од населбата Шеик Џарах, како и од другите територии окупирани од Израел на кои сме сведоци од минатиот Рамазан, се против човековите права и меѓународното право“, вели во својата порака Мустафа Шентоп, мандатен претседател на 16. седница на Парламентарниот сојуз на Организацијата за исламска соработка.
„Ја потврдуваме нашата целосна поддршка за чесната борба на палестинскиот народ и ја покануваме меѓународната заедница да не замижува повеќе, посочувајќи ги нападите врз демографскиот и правниот статус на Кудс како најголема пречка во потрагата за решение и траен мир“, додаде Шентоп.
Израелските сили ја срушија палестинската куќа која е во центарот на кампањата против протерувањето од населбата.
„Израелската полиција отиде во домот на семејството Салхие пред зори, нападна неколку од членовите и ја сруши куќата по принудното иселување“, изјави за Агенција Анадолија Валид Таех, адвокатот на семејството.
Членовите на семејството Салхие рекоа дека живееле во куќата од 1948 година, откако биле протерани од населбата Еин Керем во Западен Кудс.