Ahmet Sertan Usul
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Агенција Анадолија започна со прифаќање на првите апликации во рамки на Програмата за обука за воено новинарство, која се организира заеднички со турската Полициска академија.
Пријавите ќе се примаат од денес, 1 февруари, до 20 февруари.
Програмата, која има за цел да обучи новинари кои ќе работат во услови на војна, катастрофи и вонредни состојби, ќе вклучува теоретска и практична настава, а на обуката ќе предаваат искусни новинари од Агенција Анадолија и експерти од Генералниот директорат за безбедност, Полициската академија, Турските вооружени сили и Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Обуката ќе биде обезбедена од стручни лица за спроведување на законот, војници и јавни службеници во 26 области меѓу кои новинарството, личната безбедност, военото право, првата помош, напредни техники на возење, преживување во вода, хемиски и биолошки напади и медиумско менаџирање во вонредни состојби.
Претставниците на медиумите кои немаат хронично или физичко заболување, патни ограничувања или услов за задолжителна воена служба, и се на возраст под 40 години можат да приложат лекарски извештај во кој се наведува дека ги исполнуваат потребните здравствени услови.
На крајот на обуката, на успешните учесници ќе им биде доделен „Сертификат за воено новинарство“ со меѓународна важност.
Првите пријави за обука на воени дописници, која ќе се одржи на турски и англиски јазик, ќе се оценуваат од 21-28 февруари. Избраните учесници за обуката ќе бидат објавени на 1 март.
Детални информации за обуката можат да се најдат на веб-страницата www.aa.com.tr/tr/haberakademisi.
Оние кои сакаат да учествуваат во обуката треба да ги испратат нивните резимеа на "haberakademisi@aa.com.tr" преку е-пошта пред крајниот рок за пријавување.