Gizem Nisa Çebi
23 Април 2025•Ажурирај: 24 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Туркије денес со разни манифестации и свечености се одбележуваат националниот празник Ден на националниот суверенитет и Ден на детето, а наедно и 105-годишнината од основањето на турскиот Парламент, односно Големото народно собрание на Република Туркије, јавува Анадолу.
Денес се одржуваат училишни приредби, паради и настапи на ученици, како и симболична размена на улоги, при што децата традиционално ги преземаат функциите на државните претставници.
Во главниот град Анкара највисоките државни функционери му оддадоа почит на Мустафа Кемал Ататурк во мавзолејот (Аниткабир) во Анкара.
Учениците беа облечени во традиционални носии и виореа турски знамиња.
На јавните простори, како и некои работни места, се одржуваат фестивали со концерти, игри и уметнички изложби, отсликувајќи го двојното значење на овој ден - патриотски празник и прослава на детството.
- Пораки од официјални претставници -
Официјални претставници му оддадоа почит на Ататурк и ја потврдија својата посветеност на воспитувањето на идните генерации со љубов и свест.
Потпретседателот Џевдет Јилмаз го нарече 23 април 1920 година „историска пресвртница“ и го пофали Големото народно собранието како „штаб на националната борба“.
Тој се присети на Ататурк и парламентарците со „почит и благодарност“.
Министерот за надворешни работи Хакан Фидан изрази благодарност до Ататурк и ја потенцираше двојната важност на денот.
„Со почит, милост и благодарност се сеќавам на основачот на нашата Република, Мустафа Кемал Ататурк, како и на сите негови соборци, маченици и ветерани.“
Министерството за одбрана му оддаде почит на Ататурк како врховен командант, нагласувајќи дека „суверенитетот безусловно му припаѓа на народот“.
Директорот за комуникации Фахретин Алтун нагласи дека 23 април „не е само датум“, туку симбол на народната волја и обврска тоа наследство да им се пренесува на новите генерации.
Тој додаде дека тековната мисија е да се зачува овој дух и да се пренесе со иста „верба и одлучност“.
Претседателот на Собранието, Нуман Куртулмуш, изјави дека законодавниот дом и денес „работи со ист дух и решителност“ како и во 1920 година, истакнувајќи ги принципите на „национален суверенитет“, „продлабочување на демократијата“ и „унапредување на благосостојбата на народот.“
Тој истакна дека 23 април е „ден на совеста“ за сите деца што се соочуваат со „војна, миграција, неправда и сиромаштија“ и дека „заедничка должност на човештвото“ е да ги заштити нивните права.
„Никогаш нема да се откажеме од идеалите за независност и вредностите на Републиката“, додаде тој.