Mücahithan Avcıoğlu
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Американскиот снабдувач на авионски мотори „Џи-и Ероспејс“ (GE Aerospace) и Турската аеровселенска индустрија (ТАИ) потпишаа договор за мотори Ф404 за турскиот авион „Хурџет“, што претставува клучна пресвртница во програмата за напредни млазни тренажни авиони на земјата, се наведува во заедничкото соопштение, јавува Анадолу.
Договорот го зајакнува долгогодишното стратегиско партнерство меѓу двете компании и го поддржува развојот на „Хурџет“ додека платформата го проширува својот оперативен опсег и идните варијанти, се вели во соопштението.
Договорот, исто така, ја засилува улогата на „Џи-и Ероспејс“ како партнер за погонски системи за напредни воени авионски програми, истовремено обезбедувајќи континуирана техничка и оперативна поддршка за „Хурџет“.
„Млазниот авион за обука 'Хурџет' претставува голем чекор напред за авијациските и одбранбените капацитети на ТАИ, а овој договор означува клучна пресвртница за програмата“, изјави претседателот и извршен директор на ТАИ, Мехмет Демироглу.
Тој рече дека долгогодишната соработка на компанијата со „Џи-и Ероспејс“ продолжува да обезбедува клучни погонски капацитети што го поддржуваат успехот на „Хурџет“ како модерна, сигурна и глобално конкурентна платформа за обука.
„Овој договор дополнително ги зајакнува нашата визија и индустриските капацитети“, додаде Демироглу.
Рита Флаерти, потпретседателка на „Џи-и Ероспејс“ за глобална продажба и деловен развој за одбрана и системи, изјави дека компанијата е почестена од довербата на ТАИ во „Џи-и Ероспејс“ како партнер за погонски системи за нивните напредни воени авиони.
Флаерти истакна дека се горди што ја поддржуваат ТАИ додека „Хурџет“ го зазема своето место на глобалната сцена и што придонесуваат за континуираниот подем на Турција како клучен играч во одбранбениот и авијацискиот екосистем.
„Хурџет“ функционира со моторот Ф404 на „Џи-и Ероспејс“, борбено докажан турбофан мотор што широко се користи во напредни тренажни и борбени авиони низ светот.
Авионот е дизајниран да ги задоволи барањата на модерните мисии за обука со напредна авионика, високи перформанси и оперативна флексибилност за воздухопловните сили што бараат решенија од следната генерација.
Авионите придвижувани од моторот Ф404 се во употреба или се нарачани од 16 земји, што ја одразува позицијата на овој мотор како еден од најразновидните турбофан мотори во својата класа.
Најновиот договор се надоврзува на децениската соработка меѓу „Џи-и Ероспејс“ и ТАИ, вклучително и нивната заедничка компанија Турски моторни индустрии (ТУСАШ), позната и како ТЕИ, основана во 1985 година, кое стана едно од водечките партнерства во воздухопловната индустрија во регионот.
Двата меморандума за разбирање потпишани на саемот „Фарнборо Ершоу“ во 2024 година и на саемот за одбрана ИДЕФ 2025 помогнаа да се отвори патот за најновиот договор, се вели во соопштението.
„Џи-и Ероспејс“ и ТАИ одржуваат стратегиско партнерство речиси 40 години, опфаќајќи програми што вклучуваат мотори Ф110 што ја придвижуваат флотата Ф-16 на Турските воздухопловни сили, авионот КААН придвижуван од моторото Ф110 и „Хурџет“ од Ф404.