Hüseyin Cem Dağıstanlı
14 Октомври 2025•Ажурирај: 15 Октомври 2025
МЕРСИН/ИСТАНБУЛ - Седумнаесеттиот „Брод на добрината“, со товар од околу 900 тони хуманитарна помош наменета за задоволување на основните потреби на луѓето во Газа, отплови денес од меѓународното пристаниште Мерсин во јужниот дел на Турција кон египетското пристаниште Ал-Ариш, јавува Анадолу.
Пратката со хуманитарна помош која е испратена под координација на Турската управа за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) и во соработка со египетската Црвена полумесечина, вклучуваше придонесувања од 17 невладини организации.
Бродот со хуманитарна помош ќе пристигне до граничниот премин Карем Абу Салем преку египетското пристаниште Ал Ариш, кое е најблиско до Газа.
Пакетите кои се подготвени со цел да ги задоволат основните потреби на жителите на Газа, вклучуваат готова храна, конзервирана храна и бебешка формула.
На церемонијата на испраќање на помошта што се одржа на пристаништето Мерсин, турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави:
„Денес може да кажеме 'Бродот на добрината' е на пат кон Газа. Медитеранскиот брод, натоварен со 900 тони храна, конзервирана храна и бебешка формула сега плови кон Газа.“
Од почетокот на израелските напади врз Газа на 7 октомври 2023 година, Турција под координација на АФАД достави хуманитарна помош со 16 брода и 14 авиони.
Минатата недела беше постигнат прекин на огнот како дел од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за трајно завршување на војната во која се убиени повеќе од 67.000 Палестинци, а енклавата е целосно уништена.