Diyar Güldoğan
25 Август 2026•Ажурирано: 25 Август 2026
Амбасадорот на Турција во Дамаск истакна дека одлуката на САД да ја отстранат Сирија од листата на држави спонзори на тероризмот го отвора патот за „посветла иднина“ за земјата и придонесува за регионалната стабилност, јавува Анадолу.
„Последната пречка што стои на патот на интеграцијата на нашиот пријател и брат Сирија со светот конечно е отстранета“, порача Нух Јилмаз преку американската платформа за социјални медиуми X.
Јилмаз истакна дека отстранувањето на Сирија од листата на држави спонзори на тероризмот на американскиот Стејт департмент е важно не само за нормализацијата, стабилноста и развојот на земјата, туку и за мирот и стабилноста во регионот.
„Им честитам на сите страни што придонесоа за одлуката“, рече тој. „Се надевам дека оваа одлука, која ветува светла иднина за Сирија, ќе донесе бенефит за целиот сириски народ и сириската држава.“
Сирија повеќе не е предмет на забрани согласно со Регулативите за санкции кон владите наведени на терористичката листа, соопшти Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД.
Сирија го имаше тој статус од 1979 година, а истиот статус го имаа само Куба, Северна Кореја и Иран. Ознаката како држава спонзор на тероризмот претставуваше значителна пречка за безбедносната помош, финансиските трансакции и странските инвестиции.
Сирискиот претседател Ахмeд ал-Шара изминатиот ноември оствари историска посета на Белата куќа, прва од страна на сириски лидер откако земјата стекна независност во 1946 година. Ова следуваше по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во саудиската престолнина Ријад во мај 2025 година, што се случи кратко пред Вашингтон да ги укине санкциите според Законот „Цезар“.