Sena Güler
07 Септември 2020•Ажурирај: 07 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, денес ќе се состане со шефот на Воениот комитет на НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар и шефот на Воениот комитет на НАТО, Стујарт Пич, ќе се состанат во зградата на Министерството за национална одбрана во Анкара.
Состанокот ќе се одржи откако генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во петокот објави дека започнале преговорите меѓу Турција и Грција за решавање на тензиите околу Источниот Медитеран.
Столтенберг во четвртокот изјави дека Анкара и Атина се согласиле да влезат во технички преговори во НАТО за намалување на ризикот од инциденти и несреќи во Источниот Медитеран, што грчката Влада подоцна го негираше.
Грчките власти ги оспоруваат актуелните турски истражувања на енергетските ресурси во Источниот Медитеран и се обидуваат да ја загрозат поморската територија на Турција врз база на спорните тврдења за критериумот за присуство на малите грчки острови во близина на турскиот брег.
Турција, земја со најдолго крајбрежје на Медитеранот, испрати бродови за истражување на енергетските ресурси во рамките на нејзиниот континентален гребен, нагласувајќи дека и Турција и Турската Република Северен Кипар (ТРСК) имаат права во регионот.
Официјална Анкара повикува на безусловен дијалог со цел праведна поделба и мирно надминување на тензиите, но исто така вели дека нема да се откаже од своите права и интереси во тој регион.