Zafer Fatih Beyaz,Barış Seçkin
30 Октомври 2021•Ажурирај: 30 Октомври 2021
РИМ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рано утрово пристигна во Рим за да присуствува на 16. Самит на Г20, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган беше пречекан на Меѓународниот аеродром „Фиумичино-Леонардо да Винчи“ од амбасадорот на Анкара во Рим, Омер Ѓуџук, и од амбасадорот во Ватикан, Лутфула Ѓокташ, како и од персоналот на амбасадите во Рим и Ватикан.
Турскиот претседател и првата дама Емине Ердоган беа придружувани од турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за трезор и финансии Лутфи Елван, директорот за комуникации Фахретин Алтун и портпаролот на турското Претседателство Ибрахим Калин.
Групата од 20 најголеми и најнапредни економии денес и утре (30 и 31 октомври) одржува Самит на кој фокусот ќе се стави на справувањето со пандемијата на коронавирусот, поттикнување силно економско закрепнување и зајакнување на глобалната соработка за климатските активности.
Се очекува на средбите да се разговара и за мигрантските кризи и за други геополитички прашања.
Земји од групата Г20 се Турција, САД, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Канада, Аргентина, Австралија, Бразил, Кина, Индонезија, Индија, Русија, Мексико, Јужна Кореја, Јужноафриканската Република, Саудиска Арабија и ЕУ-блокот.
Италија, како моментален претседавач на Г20, покани и претставници на Азербејџан, Конго, Руанда, Филипините, Нов Зеланд, Холандија и Сингапур.