Firdevs Bulut Kartal
17 Август 2026•Ажурирано: 17 Август 2026
Турското површинско пловило без екипаж (УСВ) „Марлин“ доби значајна способност за поставување морски мини, со користење на паметните морски мини „Маламан“, јавува Анадолу.
„Марлин“ беше првото површинско пловило без екипаж што влезе во составот на Турската морнарица. Развиено е во партнерство меѓу бродоградилиштето „Сефине“ и одбранбената компанија „Аселсан“, под координација на Турската агенција за одбранбена индустрија (ССБ).
Интеграцијата на домашно развиените морски мини „Маламан“ во „Марлин“ претставува значаен чекор во развојот на способностите за поставување морски мини. Паметните мини се развиени од бродоградилиштето „Сефине“, истражувачкиот центар СИСАМ и „КочДефенс“.
Една година координирани напори резултираа со развој на клучни способности за поставување мини со помош на беспилотни системи, во согласност со оперативните потреби на Турската морнарица.
Завршени се фазите на дизајнирање и производство на системот за поставување мини, додека на платформата беа интегрирани алгоритми за автономно и далечински управувано поставување мини, како и интерфејси за планирање на мисиите.
Бродоградилиштето „Сефине“ ја заврши верификацијата и тестирањето на овие системи, при што површинското пловило „Марлин“ успешно изврши мисија за поставување мини, како што беше планирано, и во автономен режим и со далечинско управување.
Воведувањето на оваа способност ја зацврстува позицијата на Турција меѓу малкуте земји кои можат да поставуваат мини со помош на површински пловила без екипаж.
Модуларната архитектура и повеќенаменската структура за извршување мисии на „Марлин“ дополнително се унапредени, обезбедувајќи брзина, низок ризик, оперативна флексибилност и висока прикриеност за идните поморски операции, за кои се очекува дополнително да ја зголемат моќта на Турската морнарица.